Македонија ќе го отвори Уставот непосредно пред стапувањето во ЕУ и тогаш ќе се вградат во него и помалите етнички заедници кои живеат во земјава а не се наведени во највисокиот правен акт во државата. За Софија, пак, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор и постои систематско кршење на правата на граѓаните на  Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација.

Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дали Бугарите ќе бидат вметнати во нашиот Устав, рече дека пред самото пристапување во ЕУ се отвора Уставот со цел да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ, и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници кои се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него.

– Уште пред неколку години се отвори ваква дебата на барање на Хрватите во државата, но и на Црногорците. Ние последни го следиме примерот на сите европски земји, односно земјите посебно Балканот, јас ја кажувам Хрватска, еве Албанија веќе тоа го направи. На своето пристапување, на моментот на пристапувањето на ЕУ се отвора Уставот затоа што мора да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници коишто се присутни и живеат во нашата земја а не се вградени во Уставот. Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето, истакна Заев.

Запрашан дали доколку бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, со оглед на тоа дека има и Македонци во Бугарија, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.

– Тоа е право на Бугарија. Секојпат е убаво да се има реципроцитет, но мешањето во внатрешни работи на соседните земји не е порака на пријателство. Тоа останува на нив. Јас го кажувам како наша потреба, а не заради тоа што Бугарија бара, рече Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.