Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали се договориле со владините партнери ДУИ и БЕСА кого ќе поддржат во вториот круг на локалните избори, порача дека нивните поддржувачи одлучуваат слободно и дека никој од нив не ги носи своите гласачи во џебот, ниту, пак, некој има контрола врз нив.
Тука се поставува и уште едно прашање: Што правиме во Долнени или Чашка, Арачиново. Кога како коалициски партнери имаме два кандидати, нормално нашите поддржувачи одлучуваат слободно. За поддржувачите, рековме и во недела вечерта, дека никој од нас нашите гласачи не ги носи во џебот, ниту некој има конторла врз нив – изјави Заев на прес-конференција во одговор на прашање.
Заев додаде дека гласачите можат да ги привлечат со нивната програма или нивните кандидати, и врз основа на тоа да го бараат нивниот глас и нивната поддршка.
Заев посочи и дека инструкции можат да дадат само на нивните членови, но не и на симпатизери.
Ние на нашите членови можеме да дадеме инструкции, на нашите активисти, тие што се определиле за СДСМ и кои во наше име ја презентираат нашата програма пред другите и бараат поддршка. Нашите симпатизери сами се определуваат на изборите – изјави Заев.
Прашан за поддршката за вториот круг од локалните избори 2021 од претседателот на ЛДП, Горан Милевски, Заев рече дека се владини партнери.
Слободата и демократијата им даде право и самостојно да настапат, да се здружат еве две партии, имаме поединци од „Шарена револуција“, независни граѓани кои настапија на изборите.
Тоа е убавината. Вредностите во кои веруваме се нешто кое не држи заедно и ќе не држи. Тие вредности денеска беа афирмирани од сите коалициски партнери – изјави Заев.
Тој смета дека е понижување кон секој граѓанин кој дал свој глас и ќе се препознае „во повикот на Заев, Милевски или Ахмети, сега да му се каже за кого да гласа“.
Секој граѓанин има свој интегритет и секој граѓанин знае што е најдобро, не само за себе, за својата општина, за својата земја. И апсолутно повикот за вредности во кој сите веруваме е своевиден повик до сите граѓани да се определат онака како што мислат и да се борат за својата земја, да се борат за својата општина. Четири години зависи од личностите што ги бираат, но сега, во првиот и во вториот круг зависи токму од граѓаните и од никој друг – изјави Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.