Главен таргет на петтиот пакет мерки за чие донесување размислува Владата, како и за претходните четири, ќе бидат најпогодените од економската криза предизвикана од пандемијата на корона-вирусот, изјави денеска премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека за ова по празниците ќе има консултации со сите социјални партнери.
По празниците следува процес за консултација со синдикатите, коморите, другите социјални партнери, за навистина највнимателно да ги таргетираме најпогодените. Смислата е токму тоа, да им се помогне ним. Државата има проектирано средства за оваа намена и за буџетот за 2021 година. Сите ресори имаат свои резервоари за помагање на оние на кои им е најнеопходна помош. Конечната порака што сакам да ја испратам до граѓаните е дека државата преку Владата и Парламентот е тука за да им се најде на сите кои се погодени и да им биде од помош – рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во тековните и реализирани проекти во Осогово – Пониква.
Според него, државата е финансиски ликвидна и солвентна, а државниот Буџет е стабилен, дел благодарение и на тоа што граѓаните навремено си ги плаќаат своите давачки.
Тој нагласи дека со првите четири пакети, меѓу другите, биле помогнати сите активни и пасивни баратели на работа, вработени со плата до 15 илјади денари, млади, ученици, студенти, пензионери со пониски пензии од 15 илјади денари, како и компании со цел да се задржат работните места. Досега, рече Заев, по сите основи на граѓаните и компаниите им се поделени 1 милијарда и и 150 милиони евра.
Продолжуваме натаму, додаде премиерот, со надеж дека ќе дојде вакцината и ќе се стави крај на пандемијата и оти со економските мерки што ги презема и планира Владата ќе дојде до целосно заздравување на македонската економија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.