Премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека ќе биде постигнат консензус за промена на Изборниот модел со една изборна единица, повторувајќи дека со тоа губат големите партии, ќе загуби и СДСМ, но ќе се острани можноста за какво било авторитарно однесување во иднина.
Заев одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на „Граматиката на современиот ромски јазик“, нагласи дека добро е во државата вакви важни прашања, како промена на Изборен модел, да се носат со консензус.
А, ние не можеме поинаку, ние им ветивме на граѓаните уште во кампањата во 2016 година дека сме за една изборна единица. Тоа е дел од нашата изборна програма, а и ние веруваме во тоа, рече Заев.
Тој додаде дека тоа освен што ќе биде придобивка за помалите партии, ќе биде придобивка и за сите граѓани.
Ако дојде до гласање во Парламентот јас се надевам, дека тоа ќе биде консензуално, но ако не е консензуално на кој било друг начин социјалдеморкатите ќе гласаат за оваа измена. ДИК е подготвена, институциите се подготвени, постапката е едноставна, рече Заев.
Тој нагласи оти смета дека постои поддршка за овие измени.
Мислам дека имам поддршка, јас не сум иницијатор вака кога кажувам. Најголемата политичка партија од помалубројните етнички заедници е ДУИ, мислам дека има вкупно 23 Албанци во Парламентот, а ДУИ има 10 пратеници, каде се другите помалубројни заедници. Дали се согласуваат ќе видиме на гласањето, да направиме чекор, а ако не успееме, што се надевам дека нема да се случи, ќе се направи притисок за тоа за следните избори, рече Заев.
Вчера, пак, владиниот партнер ДУИ се изјасни како против за измени на Изборниот законик пет месеци пред изборите.
Вчерашната средба, беше неформална средба на ентузијасти. Ние остануваме на формалниот состав кој што дискутира промени на изборниот законик и тоа е во рамките на Министерството за правда. Неделава имавме сите средба, и политички партии, невладините организации и меѓународни организации и веќе сме усогласиле текст на предлог-закон кој што во себе ги инкорпорирта сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР од последните три изборни циклуси претседателски, локални избори и референдум и во тој предлог не се дискутира околу изборен модел, рече вчера Артан Груби.
И генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев смета дека не треба да се пристапи кон менување на изборниот модел на неколку месеци пред закажаните предвремени парламентарни избори. На вчерашната прес-конференција повтори дека ВМРО-ДПМНЕ останува на предлогот за мнозински модел со 120 изборни единици.
Нашиот став е добро познат и јасен и многу пати кажан во јавноста, прво што треба да се направи е да се усвојат препораките од страна на ОБСЕ/ОДИХР и секако на канцеларијата на Европската Унија, и тука работните групи работат и се веќе во, можам да кажам, една напредна фаза. Очекуваме што е можно побрзо истите да се донесат бидејќи е неопходно, да не го оставаме тоа непосредно во периодот пред распишувањето, односно започнување на изборите, рече Јанушев.
Пратеници од 15 помали партии ја покренаа иницијативата за промена на изборниот модел во една изборна единица и предупредија дека доколку не помине нивниот предлог тие нема да гласаат за измените на Изборниот законик во делот на препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.