Германската амбасадорка во република Македонија, Анке Холштајн, на средба со премиерот Зоран Заев го поздравила формирањето на новата Влада по изборите во рамки на законските рокови.

Од своја страна, Заев упатил благодарност до канцеларката Ангела Меркел и до Сојузна Република Германија, како една од најголемите пријателски држави на нашата земја, како и за посветеноста на германското претседателство со ЕУ, кон проширувањето на Унијата.

Ова е целосно евроатлански определена Влада и ќе продолжиме да работиме во таа насока. Нашата цел е, како што покажавме изминатите три години што значи да се носат лидерски одлуки во насока на решенија на отворени прашања, така во следниот период да покажеме и одговорно работење и функционална правда со тоа што законите ќе важат подеднакво за сите. А ќе продолжиме, како држава, да испорачуваме и европски вредности и да придонесуваме во перцепциите за Западен Балкан, како регион којшто припаѓа на Европа. Постои цврста определба помеѓу сите коалициски партнери во Владата за определбите кон овие вредности и затоа очекувам полн 4-годишен мандат, што ќе овозможи предвидливост на економијата и за граѓаните – изјавил Заев.

Како што соопштија од Владината прес-служба, на првата средба на Заев со германската амбасадорка, двајцата соговорници разговарале и за мерките што продолжува да ги презема нашата држава за заштитата на јавното здравје и за предвидената натамошна поддршка на економијата.

Тие ја нагласиле важноста на покажаната солидарност помеѓу државите во надминувањето на предизвиците во светската здравствена криза и во таа насока премиерот Заев им се заблагодарил на Германија и на ЕУ за навремената помош и поддршка на нашата држава во справувањето со последиците од корона кризата.

Заев и Холштајн разговарале и за можностите за уште поголемо унапредување на економската соработка помеѓу Македонија и Германија, како еден од најголемите економски партнери на нашата држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.