Владата останува силно посветена на стратешкото партнерство со САД, кое ќе продолжиме да го негуваме со нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции за борба против корупцијата, истакна премиерот Зоран Заев синоќа на средба со американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.
Заев ја прими амбасадорката Брнз во прва посета во новиот мандат, која му честиташе на премиерот а повторниот избор на оваа позиција и ѝ посака успешна работа на новата Влада во реализацијата на програмата со очекување за континуитет и продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Соочени со здравствените и економски предизвици од КОВИД-19, кои остануваат во врвот на приоритетите, истакна на средбата со амбасадорката Брнз премиерот Заев, убедени сме дека справувањето со пандемијата ќе заврши со успех, особено имајќи ја предвид досегашната соработка со САД, и на останатите сојузници од НАТО за целата поддршка во хуманитарна помош и други материјали за време на кризата, се вели во соопштението од кабинетот на Заев.
Заев на средбата истакна дека овој мандат започнува во сосема поинаков, многу подобар политички контекст, отколку во 2017, со обновена демократија, со решени спорови со соседите во година во која Македонија стана членка на НАТО, и ги очекува преговорите со ЕУ.
Амбасадорката Кејт Брнз во разговорот со претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека ова е прва нивна средба како НАТО сојузници и додаде дека нејзината земја е подготвена односите меѓу двете земји да ги подигнат на следно ниво со поддршка за директни инвестиции од САД, како и во соработката во сферата на енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО, соопштија од Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.