Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со американската амбасадорка Кејт Брнз, која му го претстави новиот заменик-амбасадор на Соединетите Американски Држави во Македонија Ерик Мејер.
Заменик-амбасадорот на САД изрази задоволство од доаѓањето во земјата позитивно оценувајќи ги условите за зголемена економска соработка и обезбедување економски просперитет на сите граѓани во земјата.
Премиерот Заев посакувајќи му добредојде на новиот заменик-амбасадор на САД и поздравувајќи ја амбасадорката Брнз, истакна дека Владата успешно ја остварува реформската и економската агенда, следејќи ги политиките на отворен дијалог со земјите од регионот.
Нашата посветеност за демократизација на земјата, почитувањето на правото и искоренување на корупцијата е силна и со огромен ангажман. Условите за инвестирање стануваат се поповолни и се забележува зголемување на динамиката на домашни и странски инвестиции. Нашата основна определба, следејќи ја владината програма е да обезбедиме економски просперитет на нашите граѓани, поттикнување на економскиот раст и давање сериозни причини на младите да не ја напуштат татковината“, рече премиерот Заев подвлекувајќи дека поддршката од САД е огромна во насока на реализирање на реформите во областа на владеење на правото, обезбедување одржлив раст, поттикнување на конкурентноста, зајакнување на човечките ресурси и дигитализација на економијата.
На средбата беа поздравени одржливите политики и иницијативи на отворен дијалог со соседите, поттикнување на економската соработка и продолжување на патот за остварување на евроинтеграцијата на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.