Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката. Ова е автентичен, заеднички процес на Македонија, Албанија и Србија, но уште од стартот рековме дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан. Ги покануваме и охрабруваме и останатите колеги да се придружат. Заради нашите народи. Сите сме Балкан, сите сме европски Балкан, рече денеска Зоран Заев, премиерот на Македонија на Економскиот форум кој се одржува во Скопје и на кои гости се премиерите на Албанија и Србија.
Започнуваме нова ера на соработката, за интегриран и поврзан регион како европска вредност. Денеска во Скопје се одржува Економскиот форум за регионална соработка, со претставници на преку 350 компании од Албанија, Србија и Македонија и уште стотина претставници на стопанските комори и на деловните заедници од Западен Балкан и регионот, рече Заев.
Според Заев, политичката волја на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и неговата, е израз на максималната посветеност да ги обезбедиме сите услови што зависат од Владите за ефикасна регионална соработка, за добробит на нашите народи, за изградба на заедничка економија, за развој на регионот, за подобар живот на секој еден наш граѓанин.
Ние сме посветени повеќе од кога било на спроведувањето на четирите слободи на ЕУ – Слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги. Го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за намалување или отстранување на административните процедури, таму каде што е тоа можно. За остварување на овие слободи, ќе бидат потпишани еден договор и два меморандума за соработка.
Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој. Со регионално усогласување на политиките за инвестиции и подобра и координирана промоција, ќе ги направиме видливи потенцијалите на економиите на земјите од регионот, за да ја зголемат нивната привлечност за странско директно инвестирање, рече Заевв.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.