Во организација на Македонија и Словачка денеска се одржа промоција на печатеното издание на „Проглас“ од Константин Философ и изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, како дел од содржините за одбележување на празникот 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
На настанот учествуваа високи гости од Македонија и Словачка се обрати и премиерот Зоран Заев.
Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1150 години, покрај христијанизацијата на словенските народи, имала и извонредно и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење. Како покровител на овој настан, ми претставува посебна чест да ве поздравам на промоцијата на публикацијата во која е содржано словото „Проглас“ на Константин Философ, односно свети Кирил, во која се поместени и повеќе други текстови и коментари на богослови, историчари и хроничари на делото и животот на Свети Кирил и на неговиот брат и сопатник во значајните мисии – свети Методиј, рече Заев.
Ова библиофилско издание, кое за прв пат беше објавено во Словачка по повод 1150 годишнината од Великоморавската мисија на сесловенските просветители, сега доживеа и второ, дополнето издание на старословенски, словачки и македонски јазик.
Објавено е повторно од страна на Словачката народна библиотека, во соработка со издавачот Друштвото на писатели на Словачка и со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија.
Посебна заслуга за ова издание му припаѓа на Стојан Лекоски, кој повеќе години живее и работи во Словачка, а е составувач и преведувач на ова дело.
Денешниот настан во пресрет на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј е збогатен и со изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“. На неа, низ фотографии и илустрации се прикажани животот и делото на сесловенските просветители и нивните мисии меѓу Сарацените, Хазарите, Брегалничката мисија, како и нивната најзначајна мисија за Словените – мисијата во Велика Моравија.
Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога. За тоа колку е големо делото на Свети Кирил и Свети Методиј сведочи и признанието кое им го оддава Папата Јован Павле Втори во неговото послание од 31 декември 1980 година, со која ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа.
Овој чин, само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничките допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира.
Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.