За ова обвинение дознав уште на 3 април 2019 година од тогашниот премиер Зоран Заев, изјави денеска во судот Бојан Јовановски, каде сведочи за предметот „Рекет“ во кој е првообвинет.

Сега ќе ви ја кажам целата конструкција на ова обвинение. Камчев ми кажа дека ангажирал адвокат близок со Вилма Русковска. Се тргуваше со овој случај, Катица Јанева беше уценета или ќе дадеш оставка или ќе се случи ова што се случува сега. На 3 април гостуваше Заев во телевизијата. По емисијата разговаравме во мојата канцеларија и Заев ми кажа дека и мене и Катица нè следеле странски служби. Ме уплаши и изманипулира дека странски обвинител имал сè за мене. Жал ми е што не се вештачи мојот мобилен да се види целата комуникација со Заев, но и со Оливер Спасовски кому му пријавив дека Орце ме снима, рече тој на денешното рочиште за „Рекет“.

Според Јовановски, предметот „Рекет“ е направен врз основа на личниот анимозитет на Рускоска против Јанева, за личен спас на Орце Камчев, врз основа на параполициска структура и нелегално следење, од интерес на подземјето на оваа држава, како и за уривање на телевизијата ТВ1 и СЈО.

Случајот го пријавил Камчев и извесен Радивоје од Бугарија, кој го учел да снима. Зошто не го прифати судот Заев за сведок? Кај него пријавил Орце криминал. Зошто не отишол Орце кај Вилма? Која е улогата на директорот на УБК Горан Николовски кој само ја ислушал Ана Камчева наводно дека сум ги рекетирал, а не направил службена белешка? Овие сведоци судот не ми ги прифати, забележа Јовановски.

Поради ова сум во притвор, рече тој. Се посомнева дека ќе допре несакајќи некоја од соголените жици од бојлерите во Шутка, или дека ќе се самоубие, како што рече, во кофа.

Пред судот рече дека обвинителството не изнело ниту еден доказ и праша каде се доказите дека земал пари, дека трошел на џипови, гардероба, мебел, патувања и ја финансирал телевизија со пари земени од Орце Камчев.

На крајот од исказот, Јовановски рече дека „сè ова треба да се заврши со насмевка на стујардеса на авион со кој знае дека нешто не е во ред, а авионот е овој кривично правен настан“.

Дека постои предмет „Империја“ дознал дента кога во телевизијата чиј неформален сопственик беше тој одекнала како вест дека СЈО отворило истрага против Орце Камчев.

Категорично тврдам дека не сум знаел дека ќе се отвори предмет „Империја“. Сега знам дека целта беше да се злоупотреби моето познанство за да се запре кривичниот прогон и од оваа дистанца знам дека тоа било целта на Зоран Милевски и запознавањето со Орце Камчев, кажа Јовановски.

Нагласи дека за „Империја“ ниту знаел дека ќе се случи, ниту кога ќе се случи.

Никогаш не сум направил нешто од тоа што беше побарано од мене од Милевски. Ниту сум можел да влијаам на Катица Јанева, ниту некој можел да и влијае. Тоа ќе можев да го докажам ако имаше вештачење на мојот телефон, да видите кој се ми има пишувано дека до Јанева никој не може да допре и дека е решена да оди до крај, изјави Јовановски.

Претходно Јовановски, кажа дека со Катица Јанева се запознал во септември 2018 кога ја барал да биде гостинка во емисија на неговата телевизија.

Конктетно за предметот „Империја“ рече дека се запознал со списите во текот на овој судски процес кога биле презентирани во судница.

За разлика од тоа дека од Катица Јанева не добил никакви информации, рече дека Вилма Русковска често директно го брифирала за нејзините дејствија и за тоа кога и кој ден ќе повикува.

Тој кажа дека имал средби со Русковска во неговата канцеларија, кои биле многу отворени во разговорите и на кои се пиело кафе и алкохол. Неговите тврдења одеа дотаму што ја обвини и за корупција и директна поврзаност со случајот „Дијамед“ за кој рече е директен сведок.

Обвинителката Вилма Русковска, пак, реагираше до судот да го предупреди и порача дека ако некој поседува докази против неа или кој и да е, има институции каде да се пријави, а не на ваков начин да се плука.

Судењето за предметот „Рекет”, почна во декември минатата година. На првото рочиште второобвинетитот Зоран Милевски – Кичеец ја прифати вината и доби осудителна пресуда од три години затвор. На Милевски пред неколку недели му беше укинат и куќниот притвор.

За овој случај Обвинителство за борба против организираниот криминал и корупција, обвинитетите Боки 13 и Катица Јанева ги товари дека со умисла го рекетирале бизнисменот Јордан Камчев (обвинет во предметот „Империја”) за да му се укине мерката притвор во наведениот предмет.

Судењето продолжува утре, за кога треба исказ да даде поранешната јавна обвинителка Катица Јанева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.