Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се сретна со Aн Линде, министерката за надворешни работи на Шведска и актуелен претседавач со ОБСЕ.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот е пренесена јасна поддршка од Шведска за европските аспирации на нашата држава, бидејќи како што е констатирано, државава успешно ги сработи реформите што беа нотирани како обврска од европската агенда. Премиерот Заев, се посочува, се заблагодари на министерката и претседавач со ОБСЕ Линде за големото принципиелно пријателство од Шведска и континуираната поддршка што ја добива Македонија во демократскиот развој на нашата држава.

-Комплетно ја спроведуваме европската агенда внатре во државата и променивме многу работи на подобро во квалитетот на животот на граѓаните. Цврсто сме определени да продолжиме да бидеме пример на држава секогаш насочена кон изнаоѓање решенија, бидејќи тоа е европски начин на однесување. Функционална Европска Унија е потребна не само на земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан, туку и на светот бидејќи станува збор за вредности коишто водат напред и за кои што сите треба да се заложуваат, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, се додава, истакнал дека е чест за нашата држава што ќе претседава со ОБСЕ од 2023 година, дека тоа е признание за придонесот на Македонија како функционална мултиетничка демократија, како и дека со искуството што го има нашата држава во решавањето на проблемите и отворените прашања, ќе даде силен придонес кон изнаоѓање решенија во предизвиците.

-Шведската министерка Линде, се заблагодари за денеска враченото постхумно признание за поранешната министерка за надворешни работи на Шведска, Анa Линд, за придонесот во меѓународното етаблирање на државава, а по повод 30 – годишнината од независноста на нашата земја, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.