Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска учествува на самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана.

На состанокот во Тирана, премиерот Заев заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија, Еди Рама ќе потпишат повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.

Во Тирана денеска ќе бидат потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, Договорот меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.

На самитот во Тирана во надлежност на министерствата за економија и за финансии, ќе бидат потпишани и билатералните договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу Република Македонија и Република Албанија и меѓу Република Албанија и Република Србија.

Во рамките на агендата на самитот е предвидено и учество на премиерот Заев и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски на Форумот за земјоделство и регионална соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.