Најавите на Владата за враќање на владиното рекламирање во медиумите се актуализираат во двата мандати на премиерот Зоран Заев.

За владино рекламирање се зборуваше пред референдумот за промена на името во август 2018 година, во декември 2020 година, кога Владата се фалеше дека имунизацијата ќе започне околу Нова година, но и денес, на неколку месеци од локалните избори.

Под превезот на подигање на јавната свест за потребата од имунизација, пред Нова година Зоран Заев рече дека ќе биде неопходна кампања низ медиумите за да се подигне свеста кај граѓаните за значењето на вакцината, па Владата ќе предлжи укинување на членот 102 од Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, односно негова промена со цел да им се помогне на медиумите.

Слободата ја разбирам и таа е многу добра и треба да ја уживаме и живееме, но исто така е подеднакво одговорност. Не можете на човек нешто задолжително да му наметнете ако тој одбива. Но, апсолутно преку јавната кампања и дигањето на јавната свест ќе ја дигнеме одговорноста и јас сум убеден дека сите граѓани односно сите оние на кои што ќе треба да примат вакцина јас уште не знам што со луѓето што беа позитивни, тие ќе примаат, нема да примаат. Нам ни се неопходни измени во законот, но тврдам дека владиното рекламирање ќе остане забрането, но мораме да најдеме начин како да ги регулираме јавните кампањи во медиумите посветени на јавниот интерес. Значи измените би биле кон тоа, да имаме како да пласираме кампањи од јавен интерес, но не и владино рекламирање, изјави Заев.

Владиното рекламирање е актуелно и денес, неколку месеци пред локалните избори.

Во низата прв се јавува Град Скопје на Петре Шилегов. Администрацијата на Шилегов има потреба за дополнителен медиумски простор, за кој е подготвена да издели 130 илади евра за маркетинг агенција. Маркетинг агенцијата во име на градот треба да закупи рекламен простор и на информативните и забавните интернет портали. За Владата нема ништо спорно во тоа, објави Алсат.

Владиното рекламирање беше укинато токму со усвојувањето на членот 102 и законските измени кои беа донесени на последниот работен ден од 2018 година.

Во членот 102 од законот се наведува дека државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.

Враќањето на владиното рекламирање во медиумите е во спротивност со сите изборни ветувања на Заев дека нема да има јавни пари во приватни медиуми. Две години од укинувањето на владиното рекламирање во медиумите, во изборна година Заев повторно бара начин да го врати, со што се враќаат и стравовите дека со парите на граѓаните ќе се купуваат медиуми.

Што зборуваше опозиционерот Заев

Заев како опозиционер и во првите денови од мандатот беше дециден дека каква било форма на владино рекламирање ги заробува медиумите и ја гушi слободата.

Ги прекинавме владините реклами кои беа назначени од домашните и меѓународните фактори како извор на притисоци и контрола врз медиумите, а ќе ги објавиме сите досегашни трошоци за овие реклами, рече Заев на 5 септември 2017 година.

Само ММА на Кировски ја поддржува иницијативата на Владата

Македонската медиумска асоцијација (ММА) и нејзиниот претседател Атанас Кировски, изразија поддршка за ваквата иницијатива на Владата.

Македонската медиумска асоцијација на националните терестријални телевизии, земајќи го предвид речиси едногодишното живеење и работење во услови на светска пандемија, ја известува јавноста за нашата поддршка на Владата во однос на нивната иницијатива. Станува збор за измена на членот 102 од актуелниот Закон за Аудио и Аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се забранува било какво користење на буџетски средства за било какво информирање преку приватните радиодифузери. 

Сепак, земајќи ја во предвид позитивната европска пракса, која дозволува и препорачува емитување на непартиски кампањи од исклучителен јавен интерес, како што се на пример кампањите за заштитните мерки од Ковид-19, во смисол држење дистанца, носење на маски и сл., сметаме дека како европската, така и домашната јавност мора на вистинит, но и навремен начин да биде информирана за теми и прашања од исклучителен јавен интерес кои имаат директен ефект врз македонските граѓани како на пример: антикорупција, борба против дезинформации и лажни вести, интеграција на земјата во ЕУ, борба за чист воздух и др. Затоа нашата асоцијација на национални терестријални телевизии бара од Владата да подготви предлог измена на членот 102, кој истиот потоа ќе го достави до Собранието на Македонија, по што очекуваме Собранието да ја обезбеди горепосочената измена предложена од Владата.

Бенефитот на ваквите кампањи треба и мора да го почуствуваме сите, независно на етничка, верска или политичка припадност, и најважно, нашите сограѓани заслужуваат да добијат едукација, но и вистинска а не лажна и при тоа навремена а не измислена информирација за теми и прашања од исклучителен јавен интерес, од кои ние сите ќе имаме лична но и општествена придобивка. Кампањите од искучителен јавен интерес, како што е на пример сегашната активност за имунизација на нашето население, нема никој право ниту пак смее да ги попречува да допрат до што е можен поголем број на наши сограѓани, на ефектен и правовремен начин, за што најдобар канал за пласирање на истите се националните терестријални ТВ канали, се вели во известувањето од ММА.

Во декември минатата година ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ беа против измени на законот.

ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување, се наведува во соопштението.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.