Премиерот Зоран Заев во врска со учебникот Географија за втора година средно образование кој ќе биде повлечен по реакциите дека има содржини навредливи за Албанците, изјави дека секаде каде што имало содржини кои навредуваат, повредуваат или не се соодветни, треба да бидат и ќе бидат отстранети.
Добив информација од Министерството за образование и наука за промена на учебниците што се подготвува за следната учебна година, ќе биде променет и учебникот по Географија, кој постои од 2002 или 2006, но проблемот првпат е увиден во 2018 година и доаѓа за промена токму сега – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерката за образование и наука Мила Царовска и нејзиниот претходник Арбер Адеми, вчера на работен состанок со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби разговарале за концептот на реформи во образованието и за Законот за учебници за основно и средно образование.
Како што информираше Кабинетот на Груби, тие се согласиле дека според Законот за учебници, сите неправилности и неправди во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи веднаш од овој учебник по географија. Кај него, како и со другите учебници, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници, според кој „учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Македонија“.
Повлекување од наставата на учебникот Географија на Република Македонија за втора година – реформирана гимназија со допис до МОН побарал Младинскиот форум на Алијанса за Албанците. Во писмото било наведено дека делови во учебникот се навредливи кон културата, историјата и другите вредности на Албанците во земјава, дека се ксенофобични и придонесуваат за стигматизација и охрабрување на говорот на омраза кон Албанците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.