Премиерот Зоран Заев, во интервју за Македонкста радиотелевизија, каде што прашања му поставуваа уредници и новинари од повеќе медиуми порача дека санкциите ќе продолжат и дека никој нема да биде амнестиран.

Јавно апелирам до сите, тоа е наредба и на Владата, дека секоја казна мора да има конечна ефектива, да биде платена. Повторувањето на казните повлекува кривична одговорност, бидејќи тоа може да биде со последици за околината. До крај максимилизација на санкциите на сите што не ги почитуваат мерките. Некојпат е здраво да има санкција посебно кога се работи за здравјето – порача Заев.

Тој нагласи дека очекува од граѓаните дека ќе ги почитуваат мерките.

Колку помалку почитуваме мерки толку повеќе ќе има рестриктивни мерки и во делот на движењето – социјалниот живот и во делот на економијата и во делот на се што значи нормален живот на граѓаните. Колку толку со маските имаме поприлично нормален живот – вели Заев, додавајќи дека не верува оти ќе има повторно карантин.

Прашан зошто онлајн платформата за настава се уште не е подготвена, Заев рече дека таа ќе биде навреме подготвена, затоа што на нејзе работат факултетот ФИНКИ, коморите МАСИТ и други.

Тие знаат точно кои се чекорите за се да биде навремено подготвено. Знаат кој е периодот на тестирање на самата платформа, на издржливоста. Мора да ги предвидиме сите околности за физичкото присуство на учениците, но и теоретски ако најголем дел не исполнат услови и бидат на онлајн платформата за да може таа да биде функционална. Највисок приоритет останува здравјето на граѓаните во овој случај здравјето на дечињата – изјави Заев.

Тој истакна дека треба да ги земеме сите аспекти како капацитети на државата за справување во најлесни и најтешки околности.

Следејќи ги искуствата каде што тргнаа школските години имаме земји како Германија каде што уште при крајот на август тргнаа школските години и видовме како се случи да се затворат 40-50 училишта, Израел беше исто така еклатантен пример. Другите аспекти се болничките кревети кои ни стојат на располагање заради тоа што државните капацитети мора да бидат подготвени и во најлесни случаеви и во најтешки. Кога се работи за децата никако не смееме да дозволиме да бидеме во состојба да бираме кои 20 кои 30 деца ќе бидат примени во болница или не, скраја да е тоа не смееме никако да го дозволиме – нагласи Заев.

Прашан дали обвинителството ќе ги гони фирмите што не дале плати со субвенциите од државата, Заев рече дека тие што не исплатиле плати добиле кривични пријави и како список директно биле пријавени во Јавното обвинителство.

Со самото објавување јавно кој не ги исплатил платите, а земале помош од државата, 30 посто веднаш исплатија, некои 70 проценти во тој момент добија кривична пријава. Сите како список директно се пријавени до Јавното обвинителство. Законот или уредбата со законска сила е многу децидна внатре тоа злоупотреба на јавни пари. Парите се даваат за конкретна намена тоа е плата на работниците во таков случај сите кривично имаат добиено, понатаму обвинителство ќе ги гони до крај – рече Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.