Премиерот Зоран Заев ќе ја официјализиран оставката на функцијата во Владата кон крајот на декември, јавува „Телма“.

По поразот на локалните избори Заев поднесе оставка на функцијата претседател на СДСМ и премиер.

Помалите коалициони партнери на синоќешниот состанок не успеале да го разубедат Заев во намерата да се повлече од местото претседател на Владата.

Но, му предложиле и тој начелно прифатил, официјално оставката да ја поднесе кон крајот на годината или на почетокот на јануари. Еден од помалите коалициони партнери, кој синоќа присуствуваше на состанокот, за „Телма“ брифирал дека, би било несериозно од Заев сега да се предомисли, но исто така сите се согласиле дека мора да се заштитат виталните државни интереси.

Причина за тоа, вели изворот на „Телма“, се и надежите кои им ги соопштил премиерот, за решавање на спорот со Бугарија и можна меѓувладина конференција со ЕУ на средината на декември.

Иако синоќа ДУИ и БЕСА биле категорично против оставката на Заев, на состанокот бил оставен простор за негов можен наследник, а за мислењето на коалиционите партнери околу ова прашање ќе се разговара оваа недела, најверојатно во петок.

Од ВМРО ДПМНЕ се сомневаат дека најавата за оставка е блеф на Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.