Премиерот Зоран Заев уште во април знаел дека Катица Јанева е вмешана во рекетирањето на бизнисменот Орце Камчев, но сепак се до нејзиното апсење јавно ја поддржуваше и ја фалеше како личност со високи човечки вредности и борец за правда.

„Премиерот Зоран Заев стои зад Катица Јанева и покрај шпекулациите за нејзината вмешаност во случајот „Рекет“ почитувајќи ја презумпцијата на невиност – вакви наслови се појавија во медиумите два дена по апсењето на Боки 13 и Зоран Милески Кичеец. Во истиот ден на нивното апсење Катица Јанева поднесе условена оставка од позицијата Специјален јавен обвинител, што ги разбуди шпекулациите на јавноста дека Јанева е вмешана во случајот, нешто што подоцна се испостави и како точно.
Во моментот на апсењето на Јанева, државниот обвинител Љубомир Јовески и шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Рускоска исто така „ја штитеа“ Јанева на прес-конференцијата по повод апсењето на Боки 13 и Милески, одбегнувајќи дури и да споменуваат иницијали на уапсените, веројатно за притоа да го избегнат спомнувањето на иницијалите К.Ј. при објаснување на врската на уапсените со јавен обвинител, како што беше соопштено за јавноста на 15-ти јули оваа година.
Два дена подоцна Заев јавно соопштува дека СТОИ ЗАД ЈАНЕВА „се додека не се докаже дека е инволвирана“ во случајот „Рекет“, иако како што признава во интервју за последниот број на Фокус (06.09.2019) уште во текот на изборната кампања за претседателските избори, во април 2019 година, гледал и слушал разговори кои му ги презентирал рекетираниот бизнисмен Камчев.

Заев дури и се пофали дека, наводно, лично тој го пријавил случајот со рекетирањето кај обвинителите Рускоска и Јовески „веднаш откако дознал“ за истото. Но Заев, иако знаел за улогата на Јанева, два дена по апсењето на Боки 13 и Зоран Милески застанува во одбрана на специјалната обвинителка, што наведува на прашањето дали Заев се надевал дека Јанева сепак може некако да биде спасена од одговорност во случајот „Рекет“.
Во јавноста имаше бројни шпекулации дека токму врвот на Владата правел „се што е можно и неможно“ за да биде спасена Јанева, нивниот „пулен“ во СЈО преку кој се врши атак врз политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, но дека на овој пат застанале странски центри кои вложиле голем кредибилитет во работењето на СЈО и инсистирале на правна одговорност за злоупотребата на нивната доверба.
Притоа, се наметнува прашањето зошто Зоран Заев иако знаел за вмешаноста на Јанева во „Рекет“, до последно со сите сили ја бранеше во јавноста? Се плашел од тоа да не биде инволвиран тој или лица од неговото најблиско партиско опкружување, доколку Јанева „пропее“ за политичките нарачки при формирањето случаи на СЈО?

Непосредно пред средбата со Камчев во април 2019, Заев ја држеше истата тврда линија во одбрана на Јанева, изјавувајќи дека не ни помислува на смена на специјалниот јавен обвинител кој е осомничен за злоупотреба на службена должност преку манипулирање со истрагите, обвиненијата и мерките на СЈО со цел рекетирање милионски суми од бизнисмени. И иако е „логично“ зошто Заев не би ја давал Јанева која имала очигледно улога да изврши „елиминација“ на политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, не е логично зошто и по дознавањето за нејзината вмешаност, премиерот се уште ја бранеше Јанева.
За улогата на СЈО вчера зборуваше и професорот Гордан Калајџиев кој, со резигнација констатираше дека очигледно улогата на СЈО била само да се урне ВМРО-ДПМНЕ, а не да донесе правда – па по завршувањето на таа улога, СЈО се гаси на противзаконски начин.

Откако во јавноста се појавија снимките преку весникот „Ла Верита“ кои Заев ги гледал уште во април 2019 и откако јавноста сама се увери во вмешаноста на Јанева, се промени и ставот на Заев, како и на обвинителите Рускоска и Јовески. Социјалните мрежи вријат со коментари во насока на тоа дека доколку не се појавеа снимките во „Ла Верита“, никој немаше да мрдне со прст околу Катица Јанева.
На прес-конференцијата во јули 2019, на која Заев застана зад Јанева, премиерот го повика Јавното обвинителство да одговори „дали Јанева била злоупотребена или употребена“ – прашање кое е на границата на разумот, имајќи предвид дека во снимките кои самиот ги гледал и слушал се слуша гласот на обвинителката која го уверува рекетираниот бизнисмен дека „се ќе биде океј“ и открива дополнителни детали за начинот на кој ќе се забошотуваат истрагите во зависност од сумата која ќе ја исплати бизнисменот предмет на рекетирање.
Која е врската меѓу Заев и Јанева, ќе покаже или оваа истрага или поверојатно некоја друга истрага во иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.