Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска не одговори на прашањето дали неговата партија и ДУИ на локалните избори ќе настапат со заеднички кандидат за градоначалник по информациите во јавноста што произлегоа по вчерашната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети дадена во Липково дека на 5 јуни (сабота) ќе излезе со „платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за првиот албански премиер“. Заев рече дека ДУИ има убава работа да соопшти во сабота, без да навлегува во детали, и оти таа е во целосна корелација со работењето на Владата.
-Јас ќе ви кажам тоа што го знам, а секако сум информиран од мојот прв потпретседател во Владата. ДУИ има убава работа да соопшти во сабота. Убава е заради тоа што е во целосна корелација на работењето на Владата. Убава е заради тоа што е модерна и затоа што е соодветна на 21. век. Мене ме бендисува што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ. Јас ќе оставам ДУИ да соопшти затоа што тоа е нивна агенда, нормално споделена со нас, рече Заев денеска по настанот во Клиничкиот центар во Скопје.
Според него, во тоа што ќе соопшти Ахмети ќе бидат препознаени голем број од државните политики кои биле вградени навремено согласно новата агенда која што ја има ДУИ.
-Јас верувам, сето тоа е во духот на унапредување на севкупниот политички амбиент во државата. Драго ми е што, еве ние направивме сериозни промени во СДСМ, непосредни избори, 50 отсто жени, 50 отсто мажи, поголема застапеност на младите итн., возобновивме доста нови лица, а тоа ДУИ што го прави навистина е освежување и убава новина, ама секако тоа е право ДУИ да го соопшти, така што нема да навлезам во деталите внатре, рече Заев.
Од ДУИ денеска нема коментар за најавите на Ахмети од Липково, туку само најава дека претседателот на партијата по повод 19-годишнината од основањето на партијата, на 5 јуни во сабота, во 12:00 часот, ќе им се обрати на граѓаните преку социјалните мрежи и ќе ја пренесе пораката упатена до сите членови на партијата и воопшто до сите граѓани на нашата земја
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.