Премиерот Заев ја почна официјалната посета на Романија со средба со премиерката Данчила. Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и владината делегација се сретнаа и со претседателот на Домот на пратениците, Ливиу Драгнеа, како и со заменик претседателот на Сенатот на Романија, Јулијан Клаудиу Манда.

фото: Влада на РМ

Во Домот на пратениците е соопштена веста дека вчера едногласно е ратификуван Протоколот за прием на Република Македонија во НАТО. Изразени се честитки дека нашата држава испишува историја, како дома, така и во регионот и во Европа, низ визионерските политики и начинот на којшто им е пристапено и се решени прашањата важни за иднината.

фото: Влада на РМ

Премиерот Заев се заблагодари за огромната поддршка од Романија и за тоа што земјата е меѓу првите што пристапи кон потпишување на Протоколот за членство на Република Македонија во НАТО.

Благодариме за почитта. За нас членството во НАТО е голема стратешка цел. Важни се мирот, стабилноста, безбедноста, но тие значат и економија. Нашата цел е да ги потврдиме перцепциите дека Македонија може да биде и “економско чудо”.

Во таа насока посебно е посветено внимание на планираниот бизнис форум од двете земји, интензивирање на економската соработка и размена на искуства на економски план. А разговарано е и за унапредување на соработката во областа на културата, образованието, гасното поврзување, инфраструктурата.

фото: Влада на РМ

Во Сенатот каде треба да се заокружи ратификувањето на Протоколот за пристап на Република Македонија во НАТО е најавено дека течат забрзани процедури тоа да се случи во текот на следната недела. Изразени се честитки за храбриот пристап на премиерот Заев во решавањето на политичките прашања, на европски начин.

Премиерот Заев, ги поздрави сите заложби на Романија за евро-атлантските интеграции на нашата земја и изрази надеж дека од романското претседателство во ЕУ, ќе произлезе отворање преговори на Република Македонија со ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.