Се чувствувам како да е исполнување на мојот сон, да дојдам во Атина да разговарам за бизнис, да разговарам за соработка, да разговарам за споделување на искуства, рече премиерот на Зоран Заев за време на панел дискусијата посветена на Западен Балкан во рамките на конференцијата на „Економист“.

Навистина сум многу среќен, бидејќи сето она што се случи минатите неколку години на Западниот Балкан, верувам дека е некој вид на специјален фокус на Западниот Балкан, за кој нема алтернатива освен членството во ЕУ и НАТО и дека стратегијата за сите земји нѐ води да направиме реформи во нашите земји, да го подобриме квалитетот на животот за нашите граѓани, да градиме добри пријателства, а преку овие пријателства го сменивме Балканот, сѐ повеќе стануваме Европејци, истакна Заев.

Премиерот порача дека ќе се обиде да ги охрабри лидерите од соседите, но и тука во Грција, лидерите од Владата, од Парламентот и претседателката на земјата, во Македонија да видат добар партнер за иден развој и додаде дека лично за него, многу е важно „да му покажеме на остатокот од светот, особено за регионот од Југоисточна Европа, дека секој договор, секое пријателство, секое ракување, носи бенефит за граѓаните“.

Во однос на денешната средба со неговиот грчки колега тој објасни дека ќе разговараат за следните чекори во соработката, една од темите ќе биде и избегнувањето на двојното оданочување, заштита на инвестициите, но и Договорот од Преспа.

По нашите избори, треба да продолжиме да разговараме за да најдеме начин како да ги решиме бренд имињата на продуктите. Во октомври, коморите од Грција, од Солун и Атина ќе бидат во Скопје за да разменат идеи, а потоа експертската група ќе продолжи за да најде решение за тоа, рече Заев и изрази надеж дека и комисијата за учебниците набргу ќе најде решение.

Премиерот истакна дека по договорите со Бугарија и Грција, Македонија е земја што разви огромно пријателство со сите соседи, а говорејќи за европската перспектива објасни дека нашата земја, заедно со Албанија, очекува во декември да почне преговори со Европската Унија и додаде дека германското претседателство и канцеларката Меркел се посветени на овој процес.

Паралелно, тој спомена дека и улогата и помошта на Грција се важни на патот на Македонија и Албанија кон ЕУ.

За тоа колку време би требало за Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, Заев рече дека имаме реални очекувања и процесот ќе трае онолку колку што е потребно.

Пет, седум, десет години. Зависи од нас, но зависи и од Европската унија колку е фокусирана на Западниот Балкан, рече Заев и додаде дека прашањето, „не е да бидеме членки на Европската Унија, само за да бидеме во ЕУ, туку Европа да ја внесеме во внатрешната на Македонија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.