Со победа на ВМРО-ДПМНЕ, немам дилема што се враќа, нивниот однос, карактерот на луѓето, во политиката се враќа режим, тоа се истите луѓе, без дилеми. Владата предводена од мене не може да влече напред кон ЕУ кога имате политики на локално ниво кои што ќе направат се да се скараат со Бугарија, со Грција. Јас можам да се борам за едно и еднакво општество, да обединувам дома, но нема напредок ако дојдат националисти во градот Скопје и луѓе скриени позади независна кандидатка, рече премиерот Зоран Заев во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, вечерва.

Претходно, пак, Заев во врска со ставот на опозоцијата и односите со Бугарија, изјавуваше нешто сосема друго:

– Ако сакам да се скарам со Бугарија не ми треба Мицкоски, тоа можам и сам, но во моментот се работи да се постигне европско решение и да се постигне договор по кој ќе продолжиме на патот кон ЕУ – изјавуваше Заев.

Лидерот на СДСМ вечерва изјави и дека ситуцијата во вториот круг од локалните избори е сега разбистрена и дека верува во успех во Скопје, иако за него резултатот по првиот круг не бил очекуван.

– СДСМ не изгуби од ВМРО – ДПМНЕ. ВМРО ДПМНЕ како и да го споредувате со било кои претходни избори е послаб со бројот на гласови – рече претседателот на СДСМ.

Тој потсети дека Коце Трајановски имал 101.000 гласови во 2017 година, а за Петре Шилегов поддршка дале 141.000 гласачи, додека пак сега Данела Арсовска и ВМРО – ДПМНЕ 85.000 и тоа во коалиција со Алијанса за Албанците.

– ВМРО – ДПМНЕ не само што не држи константа, туку паѓа континуирано паѓа. Проблемот е, ние го добивме жолтиот картон од нашите гласачи. Членството, активностите се тука, имавме со што да се пофалиме, комплетно еден нов концепт се демонстрираше и во Скопје и во општините. Модернистички наспроти барокниот. Тоа е паралелата којашто може да ја направиме. Нема незадоволство од изградбата на новите булевари, новите зелени површини, новите мостови – рече Заев.

За кандидатите на ЛДП и ДОМ, потоа за Ана Петровска и другите независни кандидати гласале 26 илјади граѓани и, како што вели Заев, по филозофијата на определба тие гласови не припаѓаат на ВМРО-ДПМНЕ.

– Градот Скопје е симболот на победата, веруваме дека можно е да се направи пресврт во Град Скопје заради тоа што вториот круг е многу порасчитена, поразбистрена ситуацијата , „црно-бело“ и верувам дека успехот е можен – рече Заев.

Тој смета дека не треба да има предвремени парламентарни избори, зашто две и пол години без избори пред нас, како што рече, треба да се искористат за подобрување на економијата.

– Никогаш не сме имале две и пол години без избори и тоа треба да се искористи за економијата. Проблемот со Грција, НАТО, одлуката за ЕУ… Сега за што? – За подобар економски стандард на народот и повеќе бизнис и силни компании за да даваат поголеми плати…за да ја донесдеме Европа дома и да направиме Швајцарија на Балканот. Ако ги упропастиме овие две и пол години пред нас, мислам дека ќе си пукаме во двете нозе, затоа што тој бесконечен циклус на избори не е добро за никој – рече Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.