Денеска 2 Август – Денот на Републиката, оддаваме почит кон нашето херојско минато, нагласува претседателот на СДСМ Зоран Заев во честитката упатена до сите граѓани на Македонија по повод големиот државен празник.
Нашите славни претци од Илинденското востание и од заседанието на АСНОМ, подвлекува Заев, ги поведоа граѓание кон слобода, независност и единство и ги поставија темелите на современата, независна и суверена македонска држава, признаена од целиот свет.
Борбата за слобода на македонскиот народ и на сите граѓани кои живеат во нашата земја постојано носеше победи со кои заеднички го трасиравме патот напред. Илинден е голем светилник што го покажува правецот кон сигурна иднина, Илинден е победа за сите кои движат напред. Денес живееме во држава втемелена на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Идеите и вредностите запишани во овие безвременски документи од нашата историја денеска се наша реалност, истакнува лидерот на СДСМ, Заев.
Како одговорни граѓани, потенцира тој, продолжуваме да се водиме од ликот и делата на Илинденците и учесниците во Народно-ослободителната борба и со чест и обврска ги реализираме нивните идеали.
– Заедно со вас, почитувани граѓани, продолжуваме да ја градиме Македонија како слободна, демократска и заедничка држава, земја пријател на регионот и светот. Горди на славното минато, уште порешително чекориме кон светлата иднина – Македонија почитувана држава, полноправна членка на НАТО и преговарач со ЕУ, вели претседателот на СДСМ Заев во честитката по повод 2 Август-Илинден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.