И по три дена откако се појавија фотографии од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, на софра со наркобосовите од Грчец и Араиново власта молчи, а опозицијата бара одговори.
Три дена молк од Спасовски за картелот „Планина“ е само потврда дека оваа власт е во служба на криминалното подземје. Пендаровски посочи дека лично не се познавал со луѓето со кои се фотографирал стоечки, со што јасно објасни која е разликата во случајна средба и седење на софри со криминалците и бегалците од правдата. Ова предочување е префрлање на топката кај Спасовски и Заев кои бегаат од јавноста, за да не одговорат што договараа на средбите со нарко босовите од Грчец и Арачиново, пишува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
Коментирајќи дека по тие фотографии веќе не е јасно кој е поголем криминалец, нарко босовите или владините функционери, од партијата повторно ги повикуваат министерот за внатрешни и премиерот да кажат дали лично се познаваат со наркобосовите со кои се фотографираат во слободно време.
Блискоста на власта со мафијата укажува на тоа дека функционерите на СДСМ немаат никаква намера да го решаваат криминалот во земјава туку да ги зголемуваат криминалните дејствувања, договарајќи бизниси со нив. Го најде ли кртот во МВР Спасовски или тој лично се погрижил криминалците да бидат известени за акцијата? Власта која знае за 100 грама дрога да прави циркуси во фалење по медиуми, сега молчи затоа што е виновна, колку е молкот од Спасовски поголем, толку повеќе станува јасно дека само криминалците се заштитени како бели мечки во овој режим со кој раководи Заев, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.