Промените ќе продолжат и на конгресот во мај, најави лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашната онлајн прослава на јубилејниот 30 роденден на СДСМ, оценувајќи дека партијата што тој ја предводи е државотворна и дека покажала највисок степен на одговорност во клучни моменти за земјата.

Во своето обраќање, Заев се осврна на рушењето на режимот, потсетувајќи на Шарената револуција и на настаните во парламентот на 27 април 2017 година, по што СДСМ дојде на власт.

Со храброст и со визија, преземавме одговорност да ја предводиме новата Влада и веднаш се виде разликата. Ја вративме државата на патот на евроинтеграциите. Без да калкулираме со лични и со теснно-партиски интереси, го решивме спорот со Грција. Државата стана членка на НАТО и добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, рече Заев.

Тој нагласи дека СДСМ е партија што победува, но и што постојано се менува.

Убедливо победивме на локалните избори во 2017 година. На референдумот во септември 2018 година над 600 илјади граѓани гласаа за продолжување евроатлантската интеграција на државата. Во 2019 година, 29 партии застанаа зад изборот на Стево Пендаровски за претседател на државата. Победивме и на парламентарните избори во 2020 година. СДСМ победува, но и постојано се менува, затоа што статус кво е непријател на прогресот. Ги следиме новите трендови на работа и сме прва партија во државата која организираше непосредни внатрепартиски избори. Промените ќе продолжат и со конгресот што ни претстои. Со нова енергија и нови политики продолжуваме напред, со одговорност државотворност, храброст и посветеност, рече Заев.

Од партиското седиште се обрати и заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска. Покажавме, рече таа, што значи да се биде одговорна партија, која ги решава проблемите.

Секако дека правевме и грешки во овие 30 години, ама од нив излегувавме посилни и успевавме тие грешки да не бидат на штета на државата, рече Шекеринска.

Ова беше Владата што, по 30 години, го обезбеди членството на земјата во НАТО. И додека бевме во опозиција, први ја почнавме битката за повисока минимална плата. Ја постигнавме и можеби најнеизвесната цел – едно општество за сите. И тука не калкулиравме. Секако дека правевме и грешки во овие 30.години, ама од нив излегувавме посилни и успевавме тие грешки да не бидат на штета на државата, рече Шекеринска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.