Минатата година оваа бандитска власт во соработка со зелената мафија која што ни го цица трудот, ни ја јаде маката за вие десетици илјади да работите и да се мачите а тие 4 или 5 да се милионери и да се богатат, таа зелена мафија ја потфати владејачката фамилија во Македонија, најбогатата фамилија на Балканот и им изгласаа закон со кој што ви го изедоа трудот лани. Имено со тој закон се дозволи увоз на тутун пред да се откупи домашниот тутун. Се увезе тутун од Албанија и Бугарија и вие бевте уценувани, прво дали воопшто ќе ви го земат, второ ако ви го земат ако е прва класа ќе ви го пишат втора, а ако е втора ќе ви го пишат трета. Тоа го направи зелената мафија во соработка со мафијата на власт во Македонија, изјави Александар Николоски, носител на изборна единица 4, во своето обраќање пред жителите на општина Могила.
Николоски рече дека уште на првата владина седница по формирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поднесен закон до собранието да се укине законот за тутун, укажувајќи дека само така ќе се цени трудот на земјоделците.
На првата седница на влада, после формирањето на владата прв закон кој што ќе биде предложен до македонското собрание ќе биде законот за увезување на тутун, додека и последното кило македонски тутун не се откупи по правилна цена. За да може трудот да ви биде ценет и за да може достоинствено да живеете. Тие со зелената мафија, ние со народот, рече носителот на изборна единица 4 Николоски.
Николоски вети откупни центри, формирање на мали и средни претпријатија за откуп преку фонд од 200 милиони евра односно како што рече тој додека власта ги кради овие средства, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги инвестира во земјоделците.
Нашата кампања е за младите, за пензионерите, за земјоделците, за понижените, за оние со испукани раце и солзи во очите. Нашата кампања е за вас, за нас и затоа ве молам за поддршка за да можеме да ги реализираме овие работи. За младите до 29 години наместо на интернет да бараат каде е подобро да отидат дали во Швајцарија и Германија и да бидат слуги некому и да си ја бараат таму среќата, да останат тука овде дома во Македонија и затоа кој ќе вработи млад човек до 29 години, нема да плаќа никакви давачки. Затоа што сега било кој работодавач да даде 20.000 денари плата на работник, тој плаќа уште 10.000 денари на државата за здравствено, пензиско и социјално и персонален данок. Ние тоа ќе го укиниме, тие дополнителни давачки нема да се плаќаат за млади луѓе до 29 години. Ќе зборуваме со работодавачите барем пола од те пари да им ги даваат на младите за да имаат повисоки плати, а другата половина да одат во нови работни места за и нови луѓе да се вработат, нагласи Николоски.
За пензионерите, додаде, знаете дека имаше денови кога секои шест месеци пензијата растеше, ама знаете дека имаше и три години во кои што пензијата стагнира. Зголемување на пензијата за пола на најниската категорија и за најмалку 20 проценти на просечната пензија, за да имаат пензионерите подостоинствен живот, како и враќање на бесплатното банско лекување, бесплатен превоз итн, вели Николоски.
Разликата помеѓу нас и СДСМ, е во тоа што ние работиме за својот народ, додека тие се грижат за своите џебови рече Николоски кој додаде дека цената на прозводителите на млеко ќе биде најмалку 21 денар и прво ќе се откупува домашното млеко.
Млекото нема да и не смее да биде 13 денари, ќе биде најмалку 21 денари затоа што нема да дозволиме како овие кој стигне да носи млеко. Прво домашното ќе се откупи, домашното ќе се произведе, а после ако има простор ќе размислуваме за увоз. Тоа е разликата меѓу десните и левите партии. Ние десните сакаме национални партии кои што се грижат за својот народ, кој што сакаат својот народ да е богат и затоа ги ветуваме овие работи, тие се грижат за својот џеб и за некои други туши бели дворови. Тоа е разликата меѓу нас и нив. Тоа е разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Николоски од Могила порача дека ако остане Заев и криминалната банда на власт, тогаш како што рече тој ќе отиде и државата и ќе бидеме срам пред целиот свет и затоа побара масовна поддршка и излезност од страна на граѓаните на 15 јули.
Остана ли Зоран Заев и криминалната банда на власт, отиде Македонија, таква каква што ја познаваме. Остана ли оваа криминална банда на власт отиде државата и ќе бидеме срам пред целиот свет. Ние сме на раб да бидеме први кој што си ја изгубил државата и тоа не смееме да го дозволиме и затоа е потребна масовна излезност на 15 јули и затоа ми е мене толку голема мотивацијата и затоа дојдов во оваа изборна единица, затоа што сакам да го тепам Зоран Заев дома, да го победам дома и не само овде туку да го победиме во цела Македонија и да го пратиме на најтемните страни во историјата, кажа Николоски.
Николоски нагласи дека поткупот и уцените се кривично дело и упати порака да не се лажат да прават кривични дела пред избори и на денот на изборите, зошто сите ќе одговараат од прв до последен јас ви ветувам тука од Могила.
Јас доаѓам со раширени раце и програма, тој се крие од луѓето и нуди поткуп, јас одам со надеж тој оди со уцени, поткупувачите и уценувачите ќе завршат директно во затвор, затоа што тоа е кривично дело според Кривичниот законик. Да не се лажат да прават кривични дела пред избори и на денот на изборите, зошто сите ќе одговараат од прв до последен јас ви ветувам тука од Могила, рече тој.
Николоски упати и порака и до членството да не се лажат да прават криминал, бидејќи без разлика од која политичка партија се ќе одговараат пред законот, бидејќи криминалот и корупцијата мора да се исчистат од државата.
Немојте Господ да го мамел било кого да правел криминал после избори и да дојде да каже јас трчав за партијата, донесов волку гласови или онолку гласови, ве молам помогнете ми. Ако било кој се дрзне да прави криминал после избори ќе одговора, без разлика дали е од СДСМ, или од ВМРО-ДПМНЕ. Криминалот боја нема и ние мора да ја исчистиме државата од криминал и корупција, порача Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.