Премиерот Зоран и Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски денеска го претставија планот на Владата за борба против корупција. Со овој планm како што кажаа Заев и Николовски, ќе се искорени корупцијата и ги повикаа граѓани да пријавуваат корупција на сите нивоа од институциите. Планот има за цел да спречи корупција на актуелната власт, но како што кажа Заев, и да ги открива коруптивните инсталации на режимското владеење на претходната власт.

Овие инсталации се продрени до најситните пори на институциите, го попречуваат функционирањето на системот вклучувајќи го и правосудството. Тогашното режимско владеење ги трошеше парите на народот за да се богатат тие и партијата. Тие ја одгледуваа корупцијата, ја всадија и ја толерираа насекаде за да им биде простено за нивните злодела. Е па, нема да им биде простено, оти тоа не го правеле од незнаење туку смислено и намерно. Одлучни сме и дојдено е време во целост да ги демонтираме режимските остатоци кои го скапуваат системот, а да ги воздигнеме службите кои чесно им служат на граѓаните, рече премиерот Заев.

Според планот на Владата, ќе се изврши целосно екипирање и дигитализација на Јавното обвинителство и истражните центри  во рамките на основните јавни обвинителства. Со тоа ќе се забрза процесот на решавање на предметите, нема веќе да се чуваат предмети во фиока. Планот  предвидува преку соодветни мерки да се актуелизира и примени конфискацијата на имот, а ќе се воспостави електронски систем за инспекцијата со што значително ќе се елиминира човечкиот фактор во водење на предметите.

Целосно ќе се дигитализираат трите книги кои ги води Управата за водење на матични книги. Со тоа граѓаните електронски ќе ги добиваат изводите и документите, нема повеќе непотребно чекање на шалтери. За да се подобрат услугите на граѓаните и фирмите во полна функција се става Централниот регистар на население каде на едно место ги има сите податоци за граѓаните. На овој начин, ќе се укине процедурата за вадење на различни документи и изводи за било која постапка, институциите ќе можат да проверат, а не граѓаните постојано да вадат изводи. За оваа цел ќе се изменат 10 закони, рече вицепремиерот Николовски.

Со планот, секоја државна институција мора да назначи овластено лице за прием на пријави од укажувачи за постоење на евентуална корупција.

Ако било кој граѓанин не бил услужен или поради услугата која му следува бил вовлечен во корупција, тогаш службеникот детално ќе биде проверен и соодветно казнет. Граѓанинот е секогаш на прво место, а ние сме тука да му служиме. Ова мора да го разбере секој во државана администрација, од мене до локалниот писар, рече Заев.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси рече дека во рок од 30 дена од денеска, Министерството за правда заедно со Јавното обвинителство се задолжени да направат анализа на потребните кадри, опрема, техника, простории за истражните центри, со цел да се зајакнат капацитетите на центрите, а со тоа и капацитетите на сите јавни обвинителства.

Предметите не смеат да стојат во фиоки, посочи Николовски.

Со целосно дигитализирање на трите книги што ги води управата за водење матични книги, граѓаните ќе можат електронски, не само да аплицираат, туку на истиот начин и да ги добијат изводите и документите.

Во полна функција се става и Централниот регистар на население каде на едно место веќе ги има сите податоци за граѓаните кои се содржани во личните карти, пасошите… Затоа денеска Управата е задолжена за интегрирање на сите овие податоци и регистри. На овој начин ќе се укине процедурата за вадење различни документи и изводи за која било постапка што му е потребна на граѓанинот. Институциите ќе имаат каде да проверат и да ги добијат информациите што им требаат и тоа веднаш, наместо граѓаните и фирмите секогаш од ново да вадат нов документ, појасни Николовски, додавајќи дека конкретно ќе се бара само извод од централниот регистар на население, наместо сегашните копии од лична карта, пасош, државјанство или изводи од Матичната книга на родени.

На денешната валдина седница сите седум антикорупциски надлежни институции добиле обврска задолжително да се поврзат на националната платформа за интероперабилност, за ефективно да ја применуваат оваа платформа при прибирањето на податоци за одреден случај или предмет.

Со подготовка на електронскиот софтвер за поврзување на сите 28 инспекциски служби, според Николовски, ќе се намали субјективното и селективно влијание на инспекторатот за време на инспекција. Човечкиот фактор, вели тој, ќе се сведе на минимум. Преку создавање централна база на издавање лиценци и дозволи, додаде вицепремиерот, точно ќе се знаат условите која фирма каква лиценца, одобрение или дозвола има.

Го формираме и регистарот за добавување на државна помош на централно ниво. Се зајакнуваат контролните механизми околу јавните набавки. Сите јавни институции треба да подготват интерни процедури за спроведување на јавните набавки врз основа на соодветни модули и спецификации за јавни набавки на бирото за јавни набавки, рече Николовски.

Во рок од три месеци МВР до Владата треба да достави стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот од 2021 до 2023. Паралелно ќе се формира и национална комисија која ќе го мониторира спроведувањето на оваа стратегија.

Во подготовка, како што рече Николовски, е имплементацијата на препораките од домашните и странски невладини организации во насока на измена и промена на прописите за административните службеници и вработените во јавниот скетор. Се подготвува и анализа на содржината и на спроведувањето на етичкиот кодекс на административните службеници. Бројот на членовите на управни одбори, додаде тој, нема да може да биде поголем од пет члена, а при изборот на членовите на УО квалификациите на кандидатот мора да коресподнираат со дејноста на истатата институиција.

Првпат се воведува и единствен регистар на службени возила со кој, како што посочи Николовски, строго ќе се регулира начинот на користењето на службените воизла, ќе се знае кој, кога и на каков начин го користи службеното возило.

Од овој месец почнува со работа системот за следење на предмети и претставки преку отворање на нов повикувачки центар. Првпат на едно место граѓаните и фирмите ќе можат да пријават случај на корупција. Граѓаните и фирмите треба да ја препознаат корупцијата и не треба да се плашат да ја пријават, затоа што никој не е  и не смее да биде над законот, повика Николовски.

Поради утврдените недостатоци и недоречености во посточекиот закон, тој посочи дека се пристапува и кон измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Ќе се допрецизира судирот на интереси во делот кој се однесува на вршење на две или повеќе јавни функции, наведување на сите лица кои треба да достават анкетен лист до Државната комисија, како и проширување на надлежностите на истата во делот на носење и спроведување на планот за интегритет.

Ја подигнуваме свеста кај сите органи на државната управа, јавните претпријатија и јавните установи да подготват антикорупциска годишна програма со прецизни активности кои опфаќаат анализа на различни области на корупцијата, недостатоци во законите, евентуални причини и фактори на корупција, како и мерки за јакнење на алатките за транспаретност и отчетност, нагласи Николовски.

Ова, според него, ќе резултира со воспоставување на ефикасен систем на мерки кои ќе овозможат превенција и борба против корупцијата во различни сектори.

Секоја инститиуција основана од Владата во рок од 30 дена ќе треба да изготви антикорупциска годишна програма.

Во одговор на новинарско прашање Николовски рече дека верува оти со сите системски мерки коишто ќе ги донесат во периодот што следи не само што ќе биде правдата се поголема и се почеста, туку ќе има и конфискација и враќање на украдениот имот од граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.