Поддршката што Зоран Заев ја уживаше во анкета спроведена од американскиот Меѓународен Републикански Институт е скоро преполовена во периодот од јануари до февруари годинава, уште пред да почне епидемијата на корона вирусот. Во февруарската анкета на ИРИ што беше објавена во февруари, Заев имаше поддршка од 13 проценти на граѓаните, додека во актуелната анкета објавена денес тој ја има довербата на 8 проценти од граѓаните. Првата анкета била спроведена на почетокот на февуари, додека таа објавена денес – во втората половина на февруари, што само дополнително го илустрира брзиот пад на рејтингот на лидерот на СДСМ.

Во анкетата, Заев е безмалку изедначен со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој добил доверба од седум проценти од граѓаните. Во анкетата спроведена во првата половина на февруари Мицкоски имаше 6 проценти, што укажува на нагорен тренд.

Резултати од претходната анкета на ИРИ

Анкетата на ИРИ покажа исклучително лошо расположение во Македонија за насоката во која оди земјата. Анкетата е спроведена во повеќе балкански држави и покажува дека Македонците имаат најмрачни очекувања од својата земја, пред се во поглед на економијата и безбедноста – единствено Босанците се приближно песимистички настроени.

На прашањето дали државата оди во добра или лоша насока, дури 61 процент од анкетираните македонски граѓани одговориле – лоша, а само 33 проценти сметаат дека Македонија оди во добра насока. Во Црна Гора, Србија, па дури и Косово, резултатите се тесно поделени или во полза на тие што сметааат дека земјата оди во добра насока. Само во Босна, односот е полош отколку во Македонија (87 наспроти 10 проценти). Само 17 проценти од Македонците сметаат дека младите имаат добра иднина во земјата, а 81 процент сметаат дека иднината е лоша. Како главен проблем, анкетираните ги посочуваат невработеноста и нискиот стандард на живот.

Во однос на демократските стандарди, Македонија има исклучително лош резултат по прашањето дали граѓаните се плашат јавно да го изнесат своето мислење. Дури 23 процент рекле дека се многу исплашени јавно да проговорат, а уште 42 проценти се изјасниле дека се донекаде исплашени од последиците. Наспроти нив, само 8 проценти рекле дека воопшто не се плашат да говорат слободно, а уште 25 проценти рекле дека се донекаде слободни да зборуваат. Дури и Босна има подобар резултат на овој план, додека слободата на говор во Србија, Црна Гора и Косово е неспоредливо подобра. Еднакво поразителни се резултатите за слободата на медиумите – 58 проценти од граѓаните велат дека новинари не се слободни да известуваат. Слична е поделбата и по прашањето како функционира демократијата во Македонија – 28 проценти се крајно незадоволни од демократската состојба, а 32 проценти се донекаде незадоволни, додека само 5 проценти се високо задоволни од македонската демократија и 34 проценти се донекаде задоволни. Повторно од целиот Балкан само Босна може да се споредува со Македонија на овој план.

Со 45 наспроти 36 проценти Македонците сметаат дека земјата се движи кон поголема поларизација. Од институциите, највисока доверба уживаат верските заедници и армијата, кои единствени имаат доверба над 50 проценти. Полицијата е блиску (49 проценти) а институциите како политичките партии, судството, обвинителството и Собранието се длабоко во црвено.

ИРИ воедно ја анализира поддршката на Македонците за другите држави како трговски и политички партнери. Македонците сметаат дека Германија и САД се најважни политички партнери на земјата, додека повторно во Германија и во Турција гледаат водечки економски партнери. САД котираат највисоко и на листата на политички закани за Македонија – 33 проценти од граѓаните ја оценила САД на овој начин, додека 42 проценти не ја гледаат како закана, додека 24 проценти гледаат закана во Русија. Околу 57 проценти од граѓаните сакаат да развиваме исклучиво или доминантно прозападна политика, 22 проценти би сакале да балансираме меѓу Западот и Русија, а 13 проценти се за водење про-руска политика.

Истражувањето е спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ од Ипсос Босна и Херцеговина меѓу 2 февруари и 6 март 2020 година. Податоците се собрани преку интервјуа „лице в лице“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.