Прашањето за личните карти во Европската унија е на ниво на националните законодавства на земјите членки, но во август 2021 година стапува во сила Општата регулатива за заштита на податоците – ГДПР, согласно која процесирањето на информации како што се етничка и религиозна припадност се забранети. Кај нас дебатата за правото на граѓаните доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност е отворена, а како земја кандидат за членство во ЕУ императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива.
Ова го порачаа Евроамбасадорот Дејвид Гир и премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали вметнувањето на етничката припадност во личните карти е спротивно на европското законодавство, по отворањето на Европската куќа денеска во Струмица.
Евроамбасадорот Гир, рече дека релевантната легислатива за тоа спаѓа во делот на Општата регулатива за заштита на податоците – ГДПР, согласно која процесирањето на информации како што се етничка и религиозна припадност, како и други елементи се забранети.
Во моментот во ЕУ, прашањето за личните карти е на ниво на националните законодавства на земјите членки, и тоа ќе продолжи да биде така, но во август 2021 година ќе стапи во сила Општата регулатива за заштита на податоците, што ќе биде на ниво на ЕУ – изјави Гир.
Евроамбасадорот, нагласи дека Република Македонија е во процес на усогласување на нејзината легислатива со стандардите на ЕУ и има добар напредок во тоа.
Тоа е особено важно, бидејќи откако ќе почнат преговорите, фокусот ќе биде на сите детали во усогласувањето на националното законодавство со правилата и стандардните на ЕУ и ќе биде особено важно двете законодавства да бидат хармонизирани – изјави Гир.
Премиерот Зоран Заев, рече дека јавно ги соопштиле своите ставови и стојат на нив, посочувајќи дека како што одговори и евроамбасадорот Гир, тоа е прашање што го регулира националното законодавство.
Кај нас е апсолутно дадено право на национално ниво како ќе го регулираме. Затоа и ги кажуваме своите ставови по однос на ова прашање. Мене ми е драго што и најголемата опозициска партија и другите политички партии се на линија на правото на определба, да граѓаните се изјаснат доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност. Но, како земја кандидат за членство во ЕУ, императив секојпат е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива – изјави Заев.
Така што, посочи Заев, во август или октомври, кога и да почне ЕУ да дебатира по ова прашање и ние ќе се вклучиме.
Секако на крајот ги следиме сите европски одлуки и регулативи, затоа што сакаме и да бидеме членка на ЕУ. Дебатата ќе биде отворена, секако во консултации и координации со европската делегација во Скопје и со Европската комисија во Брисел ќе ги носиме ваквите одлуки во зависност од тоа во кој правец ќе бидат донесени одлуките на ниво на ЕУ – изјави Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.