Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши денеска во Клубот на пратениците треба да ја потпишат програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство. Се очекува Заев и Гаши официјално да соопштат и кои ресори ќе ги преземе Алтернатива.
Одлуката за влегување на Алтернатива во владината коалиција беше донесена синоќа во Тетово на седница на Цантралниот совет, највисокото тело на партијата.
Партискиот лидер Африм Гаши на седницата информирал за текот на досегашните преговори со Заев и програмските точки кои се договорени, како и за преземените обврски.
Како што наведе партискиот портпарол Орхан Муртезани, причина за влегување на Алтернатива во Владата, е историскиот момент за отворање на преговорите за членство во ЕУ и затворање на спорот со Бугарија како цели на државата, но и на Албанците затоа што со тоа ќе се отвори патот за евроинтеграција на целиот регион.
Договорено е Владата да побара меѓународна истрага за случаите каде, според Алтернатива, има сомнежи за политичка импликација како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу итн. Договорени се и точки кои се однесуваат на рамномерниот регионален развој, економски развој на Липковско, заштита на семејството како јадро на општеството, но и заштита на цената на струјата.
Муртезани посочи дека со влегувањето во Владата, Алтернатива докажала дека е клучот за решавање на кризата, а не само декор со четворица пратениците, и таа ќе преземе важни одговорности.
Ќе преземеме значајни обврски од областа на здравството, борбата против криминалот и корупцијата, енергетиката, организацијата на дијаспората, но и образованието, културата и подигнувањето на квалитетот на животот на граѓаните, поддршка на економскиот живот на сите граѓани на државата – изјави Муртезани.
Во однос на соработката со досегашниот коалициски партнер Алијанса за Албанците, Муртезани истакна дека не е донесена одлука за нејзино прекинување и оти не е исклучена можноста таа да продолжи и во иднина.
На состанокот на Централниот совет на Алтернатива му претходеа три средби на Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.