Премиерот Зоран Заев ги започна активностите во рамките на работната посета на Република Бугарија со средба со претседателот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов.

На средбата, на која присуствуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, беше изразена желбата, врз основа на претходните позитивни искуства од подготовката и потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и врз основа на лидерството на Бугарија во однос на проширувањето на ЕУ кога претседаваше со Советот на Европската Унија, со нова динамика да продолжи поддршката на евроинтеграциските процеси на Македонија и на Западен Балкан.

За време на разговорот беше речено дека службената влада на Република Бугарија ја има целата надлежност и уставна можност да решава актуелни отворени прашања.

Премиерот Заев на средбата истакна дека тој и владината делегација се во Софија за да се вложат напори за градење доверба и да се направи чекор напред кон решение бидејќи македонскиот и бугарскиот народ се блиски и природно повикани на соработка.

Тој додаде дека Софија има особено значење за македонската интеграција бидејќи токму тука беа поставени контурите на Договорот од Преспа за време на ЕУ самитот за Западен Балкан во 2018 година и дека тие заеднички искуства од непосредното минато и сега треба да бидат поттик и начин на изнаоѓање решенија за актуелната ситуација меѓу двете земји.

Заев и Борисов истакнаа дека како чекор кон градење на пријателството и довербата е добредојдена идејата за организирање форум меѓу младите, подмладоците и младинските организации од Македонија и Бугарија за да разговараат за заедничката иднина и дека тоа е една и од обврските на политичките лидери, да бараат решенија заради младите и нивната иднина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.