Зоран Заев бара Јавното обвинителство да постапува за вчерашниот случај на говор на омраза што се случи на плоштадот во Скопје со скандирањето на навивачката група „Комити“.

На денешната владина седница, меѓу другото, дискутиравме и за последниот инцидент со говор на омраза предизвикан од навивачка група на плоштадот „Македонија“ во Скопје, при што Владата донесе заклучок со кој најостро се осудува навивачкото поведение со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа.

Владата беше информирана дека МВР презема соодветни активности за расчистување на делото, за што соодветно ќе ја информира јавноста.

Го повикуваме Јавното обвинителство проактивно да делува во рамките на своите надлежности и да постапи за вчерашниот случај на говор на омраза на плоштадот, напиша Заев на Фејсбук.

Владата денеска на седница донесе заклучок со кој најостро го осудува навивачкото поведение на навивачка група со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа. Во исто време, од Јавното обвинителство бара да делува во рамки на своите надлежности и да постапи во врска со овој случај, објави премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

Тој апелира навивачките групи и сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини.

Институциите не смеат да толерираат никакво поттикнување омраза и насилство по основа на расна, национална, полова, сексуална, верска или било каква друга припадност. Ние сме современо општество, еднакво општество на сите граѓани. Нашиот пат е напред, а не назад, пишува Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.