Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски e човекот кој е задолжен од страна на премиерот Зоран Заев да го турка пописот кај помалите етнички заедници. Тој веќе оствари средби со ромската и турската заедница, а деновиве ќе се сретне и со останатите, за да ги убедува колку е важен пописот и дека за да тој биде успешен мора сите да бидат вклучени.

Заев го назначи Алаѓозовски за да им објаснува на граѓаните дека попис мора да има, затоа што целата операција попис е матна и недовербата кај населението се зголемува од ден во ден – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, пописот што власта сака да го истурка на сила, личи на циркуз и нормално е што граѓаните немаат доверба во истиот.

Изминатиот период гледаме еден циркус кој што се поврзува со пописот, а не би требало тоа да биде, не знаат ни самите што прават, тргни напред, врати се назад. Така што се создава уште поголема заблуда и уште поголемо недоразбирање и уште поголема недоверба помеѓу граѓаните за статистичката операција којашто они треба да ја спроведат односно за пописот – изјави Мицкоски.

Тој додава дека недовербата кај граѓаните е огромна, дотолку повеќе што се нема доверба во Владата и во начинот на кој ќе се попишува населението.

И опозициската партија ГРОМ, поради многуте дезинформации што се појавуваа во јавноста околу пописот, исто така се сомнева дека тоа ќе биде статистичка операција. Според Љупчо Пренџов постои голема недоверба и сомнеж, бидејќи се лицитираа проценти, а и не постои методологија по која ќе се врши попишувањето.

Но, кога ќе погледнете како тие го претставуваат тоа, најважно е граѓаните да знаат дека не постои методологија на попис. Што значи тоа? Тоа значи дека секогаш кога се прави попис во која било нормална држава со законот заедно се дава и методологија. Тоа значи дека законот се гласа, а методологијата значи на кој начин тој попис треба да се направи – вели Пренџов.

Тој додава дека е факт оти постои огромна недоверба кај граѓаните, а на кој начин Алаѓозовски – најнеуспешниот екс министер во историјата на државата, ќе го убедува и дали ќе успее да го убеди населението дека мора да се спроведе пописот не се знае.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.