Премиерот Зоран Заев ја отвори 11. Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, поздравувајќи ја нивната важна улога како градители на нашето општество.
Во своето обраќање, Заев ги поздрави пензионерите, истакнувајќи дека со заедничкото дружење и негување на разноличниот фолклор и традиции ги афирмираат заложбите дека низ заедничка дружба и соработка можеме да градиме едно солидарно општество во кое ќе се почитуваат вистинските вредности.
Една од тие вредности е концептот едно општество за сите, кој, воедно, е и еден од главните стожери на владините политики. И во тој концепт има место и еднакви можности за сите. Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Заедно со Министерството за труд и социјална политика ги исправивме неправдите и сега два пати годишно има усогласување на пензиите со трошоците на живот – порача Заев.
Тој најави дека со дополнително усогласување на пензиите, во 2020 година тие се зголемиле за 722 денари, линеарно за сите корисници на пензија, дури и во услови на економска криза заради пандемијата.
Убеден сум дека ова усогласување на пензиите ќе продолжи и во оваа година. Грижа за пензионерите и да работиме во насока на подобрување на вашиот животен стандард е наша света обврска. Таа наша обврска е ваша заслуга произлезена од вашиот труд и вашата посветеност за време на вашиот работен ангажман – изјави Заев.
Покрај премиерот Заев, на настанот се обрати и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова.
На денешниот настан во Скопје, претходеше и серија на осум регионални ревии низ различни локации во нашата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.