ДУИ не вредат пет пари на пазарот на гласови. Тоа е мојот став денес, беше мој став и тогаш, во времето кога е снимен разговорот објавен денеска. Имаа 20 пратеници, се преполовија на 10, на овие избори ќе имаат уште помалку – напиша на Фејсбук, Зоран Заев.
Понатаму тој пишува:
Сепак и покрај тоа што ДУИ не вреди пет пари, на 27 април 2017 година со сопствен живот го бранев животот на Талат Џафери.
Јас сум ја покажал и докажал мојата љубов и почит кон Албанците на дело. Не само со зборови туку и на дело. Го донесовме Законот за јазици, се грижиме за сите заедници, прв сум ги повикал Македонците да гласаат за Албанци и Албанците за Македонци, прв сум ја отворил партијата за Албанци високи функционери, прв направив предизборна коалиција со албанска партија и лично и фамилијарно сум поврзан со Албанците, кум сум на Мухамед Зекири и тоа ми е големо задоволство.
Целата јавност слушна дека јас не го изговарам никаде тој збор што е навредлив за моите сограѓани Албанци, туку тоа го прави соговорникот во снимениот разговор.
Ваквите ниски и очајни обиди само ме охрабруваат уште посилно да дејствувам за концептот едно општество за сите, чиј предводник сум. Ќе продолжам тоа да го правам и понатаму, со достојна почит кон сите мои сограѓани од сите етнички заедници.
Објавата на оваа срамна манипулација уште еднаш докажува дека глас за ДУИ е глас за Мицкоски и Груевски – напиша Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.