Секојпат се добредојдени пријатели кои сакаат да помогнат, но дефинитивно ова е билатерален спор и така треба да го решиме – рече денеска премиерот Зоран Заев.
Во вчерашниот телефонски разговор со неговиот бугарски колега, премиерот Јанев, Заев рече дека се договорени некои следни чекори кои верува, како што истакна, дека ќе бидат потврдени и од бугарска страна, согласно вестите кои ќе ги донесат претседателите Радев и Пендаровски.
Разговорот уште еднаш го потврди големото пријателство меѓу нашите две земји. Ние очекуваме, а Бугарија потврдува дека наша желба е, а верувам и нивна аспирација во иднина, ќе биде поддршката на целиот Западен Балкан за интеграција во ЕУ, па така и на Македонија. Но, битно е да продолжиме да работиме на изнаоѓање на решенијата. Сепак, ќе кажам, Европа е кабаетлија и ни должи многу – рече Заев.
Тој повтори дека земјава 16,5 години чека пред вратата на ЕУ.
Што и да е, многу е. Испорачавме се, нема дилеми од никој, ниту од дома, ниту од надвор, и за делот на реформите и за европските манири и за дипломатскиот и начинот на дијалог на решавање на проблемите. Докажавме и одржавме европски лекции за цел континент и навистина заслужуваме. Секогаш ја испраќам и пораката за замолница до Бугарија за поддршка на Македонија зашто лесно е да се стават непријатни состојби меѓу нашите народи, а не е така лесно да се градат пријателства и да се унапредуваат врските. Важно е каква историја денеска испишуваме зашто таа ја отвара иднината за идните генерации – потенцира премиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.