Премиерот Зоран Заев го обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски дека бесрамно лаже, откако Милошоски од собраниска говорница рече дека советникот Љупчо Зафировски им помагал на фирмите на Заев да ги извезуваат своите производи во Србија и во Франција. Заев го демантираше ова и рече дека има право да ангажира кого сака во својот кабинет.
Ми замерувате за советник кој го плаќаме 1.200 евра. Па на Влатко Ѓорчев сопругата за 1.800 евра ја ангажиравте. Вие ќе држите предавање за тоа кого сум ангажирал. Еве ќе ја видиме Франција како ќе гласа во октомври, рече Заев осврнувајќи се на неговото објаснување дека Зафировски бил ангажиран поради неговите контакти во кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Одговорот на Заев предизвика тензии и довикувања од пратеничките клупи на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Манипулации и бесрамни лаги се ова. Веројатно имате ваша стратегија, респектирам, но она што го зборувате, убаво е и надвор од говорница да го кажете, бесрамно и безобразно лажете. Да кажете дека Љупчо Зафировски е советник затоа што соработувал со Заеви е лага, не знам кој ви е планот, но не можете да си креирате сами на себе приказни и преку невистини да зборувате за одредени тези кои треба да исполнат ваши стратегии. Излезете надвор од говорница кажете ги овие тврдења и ќе се видиме на суд. Одговорно тврдам дека компаниите на Заеви никогаш не соработувале со Зафировски – рече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.