Премиерот Зоран Заев од денеска ја започнува дводневната работна посета на Грција, а утре ќе учествува на панел дискусија во рамките на конференција на Економист „24-та тркалезна маса со грчката Влада“, ќе има работен ручек со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис и ќе оствари средба и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.

Заедно со Заев се и вицепремиерите за економски прашања и за координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, и за европски прашања Никола Димитров, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Утре наутро, премиерот ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан, односно на вториот ден од конференцијата на Економист, а подоцна во текот на утрешниот ден ќе се сретне со Сакеларопулу и ќе има работен ручек со неговиот грчки колега.

Во однос на средбата со Мицотакис, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека европската перспектива, билатералните односи, како и темите што произлегуваат од Договорот од Преспа, односно комисиите и сл, ќе бидат дел од прашањата за кои ќе разговараат двајцата премиери.

Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, министри од грчката Влада, меѓу кои и оние за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, шефот на кипарската дипломатија, поранешниот француски претседател Оланд, поранешниот италиански премиер Ренци, амбасадорот на САД во Грција итн.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.