СДСМ на вечерашната седница на Извршниот одбор ќе ги утврди дваесетината кандидати за градоначалници за локалните избори. Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев денеска изјави дека Извршниот одбор на партијата на ниво на држава, носи одлуки и им препорачува на општинските организации за кој кандидат да се изјаснат при донесувањето на нивните одлуки, а конечни се одлуките на општинските конференции на локално ниво коишто ги сочинуваат делегатите и се највисок орган на општинските организации на СДСМ на локално ниво.
Но, ние нашиот став вечерва ќе го изградиме за дваесетина градоначалници. Точно заради тоа што тука некаде се и поминати постапките. Вечерва ќе ги разгледаме анализите. Не можам однапред да кажам иако неколку имиња веќе и се знаат заради тоа што се недвојбени, се апсолутно фаворити, победници, околу нив е изградено единство не само на социјалдемократите, не само на коалиционите партнери, туку и на граѓаните и верувам дека ја заслужиле честа да добијат уште еден мандат за градоначалник на своите општини, но одлуките штом ќе бидат донесени ќе ги соопштиме јавно, рече Заев.
Втората фаза очекуваат да заврши на почетокот на август или првата половина од август и последната фаза на крајот на август или почетокот на септември.
Во три фази ќе ги соопштуваме одлуките затоа што и така фазно ни завршуваат анализите коишто ги правиме по пат на анкетирање, по пат на разговори, и по пат на внатрепартиско истражување, рече Заев.
Тој додаде дека селекционата фаза на кандидати за градоначалници и за советници започнала пред повеќе од еден месец.
Како поминуваат фазите на селекција, а тоа значи анкетирање на граѓаните по неколку типа на анкети, голем дел дуплирани, триплирани во градовите, во руралните средини теренски или телефонски анкети, но претходниот викенд направивме и истражување преку електронско гласање на членството на СДСМ така што сме готови за првата фаза, посочи Заев.
Локалните избори треба да се одржат во втората половина на октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.