Премиерот Зоран Заев изутринава имал работен состанок со првите одговорни лица на институциите, кои имаат надлежност во врска со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Заев, како што посочуваат од Владата, состанокот го свикал со цел директно и лично да се информира за сите аспекти на случувањата изминатите денови, за истрагата и за чекорите кои институциите ги преземаат.

Премиерот стои цврсто на неговите јасни и јавно изнесени позиции дека сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаат обврска да го лоцираат лицето Сашо Мијалков. Премиерот порачува дека граѓаните очекуваат детално објаснување, дека институциите се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај и дека не се можни компромиси со правдата и одговорноста, наведуваат од Владата.

Според извори од кабинетот на ТВ24, на средбата имало јасни и високи тонови, додека институциите покажувале со прст една на друга. Заев бил видно лут, па дури и се заканил дека доколку не се пронајде Мијалков, ќе има итни разрешувања, а од останатите јавно ќе побара одговорност.

Средбата наводно завршила во нервозна атмосфера, во очекување на расплет во наредните 3-4 дена, колку што Заев дал рок за резултати.

Како што неофицијално дознава „Фокус“, на средбата Заев порачал дека доколку не бидат испорачани конкретни резултати до четврток,  ќе испорача одговорност онаму каде има таква можност, односно во извршната власт, но воедно ќе повика на одговорност и во правосудната власт, без притоа, како што велат изворите на порталот, да стравува дека тоа ќе се интерпретира како мешање во друга независна власт.

Според добро упатени извори на порталот, Владата и МВР на чело со Оливер Спасовски инсистираат дека најголемата одговорност за овој случај лежи во Јавното обвинителство, кое не било ажурно со барањето на притвор ниту во моментот кога обвинителството побарало казни за обвинетите во „Таргет-Тврдина“, ниту кога добиле сознанија дека обвинетиот Мијалков планирал бегство.

Висок владин функционер за „Фокус“ вели дека постојат сомнежи дека првичната информација за бегство на Мијалков ја дало лице што моментално одлежува затворска казна за еден од високопрофилираните судски случаи. Според него, барањето за притвор го натерало Мијалков на бегство, иако наводно казната бил спремен да ја одлежи.

Од друга страна, пак, Обвинителството на чело со Вилма Русковска тврди дека кај нив нема никаква одговорност, туку, како што посочуваат, обезбедиле информација која патем требало да ја обезбеди МВР, а кога полицијата веќе ја добила оваа информација, тие не постапиле целосно ажурно и респонзивно.

Сепак, велат упатените, обвинителството прстот го вперува и во Кривичниот суд, кој неколку часа ја одолговлекувал постапката за изрекување на притвор. Поради тоа, Русковска дури и му пратила порака на првиот човек на судот, Иван Џолев, во која таа револтирано вели дека за 4 часа ќе избереле Папа, а камоли да донесат решение за притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.