Го пушти ли СДСМ Стево Пендаровски во оган и предвреме му ја испорача сметката за изборната победа на претседателските избори барајќи од него да ѝ подаде рака на „корумпираната опозиција“ и да најави помирување во општеството?
Какво помирување на СДСМ се крие зад претседателот-параван особено по првиот круг на претседателските избори кога стана повеќе од јасно дека СДСМ и Зоран Заев ја изгубиле врската со реалноста и со гласачкото тело и полека, но сигурно и се лизгаат од врвот кон дното? Денеска започнува третата година од мандатот на Владата на Зоран Заев. Во првите две видовме корупција, непотизам, распродажба на националните интереси, промена на името… Видовме дека четиригодишниот мандат на Заев на СДСМ ќе му биде последен во догледно време. А можеби и во недогледно.
Но, Зоран Заев е исправен пред нов предизвик со само еден сојузник. Тој самиот, неговото семејство, матните бизниси и семејното богатство. Како да испливаат Заеви суви и чисти од оваа жабокречина.
Дали и овојпат Зоран Заев се крсти во СЈО и спасот го гледа во пазарот со Специјалното јавно обвинителство, но овојпат, како што дознава Република од свои извори, жртвувајќи ја Катица Јанева на олтарот на апсолутната власт и апсолутната слобода на кланот Заеви?
Како поткрепа на ова се и се погласните обвинувања на СДСМ и нивната медиумска машинерија дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која се бори и преговара за амнестија. Оваа густа медиумска магла има сериозна задача да го сокрие стравот на Зоран Заев од извесниот пад од власта.
Пендаровски: Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата
Во свечениот говор на инаугурацијата во Собранието Пендаровски констатира дека во Европа речиси и не постои држава која е толку мала, а толку внатрешно поделена по многу основи од кои, како што истакна, најголемиот дел се политички и во креирани од политичарите.
-Сакам јавно да кажам и да се обврзам дека ќе бидам претседател на сите граѓани, и на оние кои гласаа за мене, и на оние кои гласаа за моите противкандидати, како и на оние кои не излегоа на гласање. Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата. Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг, рече тој.
Оваа подадена рака кон опозицијата е исклучително индикативна, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски од повеќе причини: прво, СДСМ првпат иницира помирување, а второ доаѓа по претседателските избори. Во интервју за Радио Слободна Европа Николоски порача дека ако власта го замислува помирувањето како амнестија за Зоран Заев и неговото семејство, може да заборави на тоа.
Многу интересно зошто сега СДСМ го иницира ова помирување, првпат зборуваат за помирување. Според нашите сознанија, првпат го кажувам ова во јавност, идејата за помирувањето дошла по завршувањето на претседателските избори, затоа што е извесно дека ќе ги изгубат следните парламентарни избори и помирувањето го замислуваат на начин што сакаат да испреговараат со ВМРО-ДПМНЕ амнестија за Зоран Заев, неговото семејство и останатите во однос на гонење по криминалите што ги имаат правено во изминатиот период. Ако така го замислуваат помирувањето, помирување нема да има, вели Николоски за РСЕ.
Според изјавата на Николоски јасно е дека Заев ќе падне, но криминалот ќе остане, а тој му гарантира карта во еден правец – кон „Идризово“.
И тука лежи вистинскиот предизвик – како Заеви по којзнае кој пат да ја заобиколат правдата и да си ја купат слободата.
Помирувањето е исфорсирана флоскула
Помирување драг Пендаровски, вели поранешниот функционер на СДСМ Ивор Мицковски, не може да го оствари претседател, односно може, само платонски.
-Кога имаш две елити кои се борат за најчесто апсолутна власт и контрола врз бизнисот, ресурсите, парите, тогаш во ничиј интерес не е помирувањето, смета Мицковски.
Според него, видовме како функционира политичкото помирување, со амнестии и тендери.
-За граѓанското помирување ти се молам не се секирај, нема да се потепаме, барем не оние слободните. Граѓаните-клиенти ви требаат електризирани и поларизирани, инаку не постои интерес во јавните нешта, уште помалку реализирање на партиските интереси.
Мицковски вели дека помирување може да се случи или во диктаторски манир преку апсолутна моќ, нешто што е стапица која „допрва ве чека, па да ги соберете сите на вашиот караван“ или, се прави со длабоко инвестирање во радикална департизација, реформирање на институциите и градење длабока држава.
-Сега засега, тоа не се случува и тешко дека ќе се случи. Така да, убаво збориш, ама не си во позиција да испорачаш, ни денес, ни кога било, нешто како помирување, вели Мицковски.
Помирувањето не е механички чин
Ниту противкандидатот на Пендаровски на овие избори, професорката Гордана Силјановска не верува во добрите намери на пораката за помирување.
-Помирувањето не е механички чин, потребно е да се извините некогаш за да има помирување. Треба да бидете почитувани во дебатите, да не посегате по инструменти како дезинформација, полуинформација, говор на омраза. Не може ако до вчера сте ја сатанизирале опозицијата, одеднаш, денеска да речете еве ви подавам рака. Ќе видиме што ќе следи. Обично лесно се ветува и предлага, а забораваме дека не е доволно само да се каже нешто. Тоа е нешто посуштинско, оти интегритетот и дигнитетот се градат, не можете само со една порака да ги смените нештата, смета Сиљановска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Помирување драг Пендаровски, вели поранешниот функционер на СДСМ Ивор Мицковски, не може да го оствари претседател, односно може, само платонски.
Ниту противкандидатот на Пендаровски на овие избори, професорката Гордана Силјановска не верува во добрите намери на пораката за помирување.
Comments are closed for this post.