СДСМ ќе ја објави втората група на листата на кандидати за градоначалници на крајот на јули или почетокот на август, а третата ќе биде позната на крајот на август, согласно динамиката на пристигнување на резултатите од партиските истражувања, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Стигаат секој ден резултатите од истражувањата кои што ги правиме. И јас верувам дека до крајот на овој месец или почетокот на август ќе можеме втората група на утврдени кандидатки и кандидати за градоначалници да ги објавиме. Паралалелно со тоа се носат одлуките и за советничките и советниците за советите за општините и град Скопје, со тоа што сакаме да финишираме до крајот на август со третата група. Важни се истражувањата затоа што еден е нашиот впечаток кој што го имаме и од кој што ги носиме одлуките од името на политичките партии кои што кандидираме или од коалициите, а друг е впечатокот на граѓаните. Ако сакаме да добиеме поддршка од граѓаните, вреди и мора да ги слушаме граѓаните – рече Заев на новинарско прашање по означувањето на почетокот на изградбата на клучката помеѓу булеварите „Никола Карев“ и „8 Септември“ кај Момин Поток.

Запрашан дали актуелниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев ќе биде кандидат за уште еден мандат на претстојните локални избори, Заев кажа дека тој е млад и перспективен кадар, но одлуката ќе ја носат според оценката од истражувањата и анализите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.