Остваруваме законска обврска да се спроведе техничка влада. Граѓаните знаат дека до овој момент се дојде по средбата на Советот на ЕУ и токму ова е пораката за секоја наредна влада која ќе биде во иднина, враќање назад од Охридскиот и Преспанскиот договор, како и договорот со Бугарија не може да има од ниедна влада, рече Артан Груби во Собранието.
Според пратеникот на ДУИ, со решенијата на оваа власт, државата станала посилна.
Заедно постигнавме двојазичност, да го решиме спорот со името, да го решиме спорот со Бугарија, успеавме да влеземе во НАТО и да сме кон Европската Унија. Ја спроведовме декларацијата на Албанците, изградивме болници, училишта, градинки, започна изградбата на автопатот Скопје-Блаце, додаде Груби.
Артан Груби истакна дека за него и за неговата партија ова беше најуспешниот мандат досега со реализирани 100 отсто од нивните партиски и програмски приоритети – воведување двојазичност на целата територија на земјата, решавање на спорот со името, договорот со Бугарија, првпат претседател на Собранието стана Албанец, како и на ФФМ, да влеземе во НАТО, платите се зголемени, минималната плата е зголемена, се зголеми бројот на вработувањата, формирана е Агенција за спроведување на албанскиот јазик, формиран е национален ансамбл на Албанците, спроведена е Декларацијата на Албанците…
Груби изрази надеж дека сега во заедничката влада со опозицијата ќе бидат донесени некои клучни закони како оној за администраицијата. Фокус во следниот период за нив ќе биде селективната правда, борбата против корупцијата и криминалот и ветингот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.