Со Бугарија потпишавме дека имаме заедничка историја, но целиот Балкан има таква историја, вели премиерот Зоран Заев во интервју за неделникот „Фокус“, но нагласува дека знае до каде се црвените линии.
Можам да кажам само свое мислење. Но, знам дека сум претседател на Владата со огромна одговорност и чест и знам каде се и кои се нашите црвени линии, и дека не можам ниту јас, ниту некоја друга влада, или пак, Унијата да менуваат работи кои не се дозволиви за нив да се разговара, а камоли, да се менуваат. Зборувам за нашиот идентитет и јазик. Изнајдовме креативни решенија за проблемот со името и гледате дека имаме не само пријател во јужниот сосед Грција, туку и стратешки партнер и еден од најголемите поддржувачи и инвеститори, истакнува премиерот за неделникот „Фокус“.
На прашањето дали некои негови изјави дале можност на Бугарија да верува дека може да се направи ревизија на историјата, Заев вели:
Кажувате неточни констатации. Потпишавме дека имаме заедничка историја меѓу двата народа и тука да бидеме на чисто. Целиот Балкан има заедничка историја. Ние имаме наша сопствена историја, но и заедничка. Нели, османлиското ропство е заедничка историја и за нас и за Бугарија? Зарем Римското царство не го покривало целиот овој регион? Затоа денеска славиме заеднички ликови како Цар Самоил, Св.Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Точно и јасно знаев што кажувам и никогаш не биле моите непромислени изјави, туку биле отворени и чесни изјави.
Премиерот во интервјуто вели дека во две години со Бугарија договорени се пет историски личности и три периоди за заедничко славење
Договорите се обврска на двете страни,кои ги потпишуваат. Наше гајле е ние да го спроведуваме она што е наша обврска. Поуспешни сме од било кои други договори што се постигнати во модерна Европа. Еве да земеме, на некои историските комисии им требало и по 20 години да дојдат до решение. А,ние во првите две години успеавме да се договориме за 5 историски ликови и 3 историски периоди и ги славиме заедно. Историјата билатерално да се решава и за неа да разговараат експерти и историчари, иако историјата е динамична наука и секој има право на различни погледи, аргументации и докази за својата автентичност. Очекуваме одговорност и од другата стана, затоа што имаат обврска во Договорот за континуирано поддржување и помагање на РСМ. Јасно кажав дека Бугарија еклатантно го крши членот 2 од Договорот. Тие секогаш искажуваат незадоволство од реализација на Договорот, но не треба да се заборави дека нашата земја помина низ референдум, промена на Уставот, а дојде и пандемијата, вели Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.