Одблокирани се заклучоците за Западен Балкан со тоа што е пронајдена компромисна реченица која ги задоволува бугарските барања за добрососедските односи и тие ќе бидат усвоени, oбјавува Радио Слободна Европа во Брисел .

Европската Унија редовно во декември на ниво на министри за европски прашања усвојува годишен извештај за регионот, а на последниот состанок кој беше оддржан на 8 декември, тоа не беше можно затоа што Бугарија го блокираше усвојувањето поради билатералниот спор со Македонија.

Во најновиот нацрт заклучок, во кој РСЕ има увид, стои компромисна дефиниција, која како што велат дипломатските извори, ги задоволува бугарските барања со што е одблокиран процесот на донесување заклучоци.

„ Изјави и работи кои негативно влијаат на добрососедските односи мора да се одбегнуваат. Советот на ЕУ потсетува на Договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Грција, како и на Договорот за добрососедски односи и соработка меѓу Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната примена. Овие два чекора треба ефективно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешна интепретација на историјата,“ стои во нацрт заклучокот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.