И за жените и за мажите, и за работниците од приватниот и од јавниот сектор мора да важат исти правила и да има еднакви услови за одење во пензија. Намерата на Владата да ги испрати во пензија жените од јавниот сектор на 62 години, а мажите на 64 години, ќе ги стави во нерамноправна положба и во однос на полот и во однос на секторот каде што работат. Ваквата дискриминцаија меѓу мажите и жените еднаш падна на Уставен суд, објави „тв24“.
Дел од професорите по трудово право, сега велат дека законодавец треба да биде внимателен во носењето на новите решенија, зашто работникот е работник и не смее да има разлика ниту по пол, ниту по сектор.
Сметам дека има основи и има услови да се појави прашањето за одреден степен на дикриминација. Така што, не сум сигурен колку би било паметно носењето на едно такво решение каде што ќе се направи разлика меѓу вработените во приватниот и во јавниот сектор, особено доколку се има предвид еден од основните принципи во трудовото право или работните односи, а тоа е постулатот на единственост на работниот однос. Поентата на овој постулат е дека важат истите правила и обврски, без разлика дали сте вработени во јавниот или приватниот сектор. Работниот однос е систем од права и обврски кои што ги тангираат и вработените во јавниот сектор и во приватниот сектор – вели универзитетскиот професор, Марко Андонов.
Синдикатот не го коментира ваквото решение на Владата се додека не го види на хартија. Оттаму велат дека работниците не смеат со сила да се држат на работа и доколку жените сакаат да се пензионираат на 62, а мажите на 64, работодавачот е должен да им дозволи. Ова сега важи и за јавниот и за приватниот сектор.
Почнавме да се договараме за еден колективен договор, кој би важел за сите работници, за да ги избегнеме токму овие работи, каде што вие сега ме наведувате дека има и дискриминација врз основа на работничките права, бидејќи ги делиме на јавен и на приватен сектор. Да на некој начин сте во право. Затоа ние како ССМ, доколку е точно ова што го пиуваат медиумите, ќе излеземе со наш став, и ќе и презентираме на министерката одредени работи, токму за да ја спречиме таа дикриминација – вели Дарко Димовски.
Синдикатот бара враќање на стажот како услов за пензионирање. И тоа жените да се пензионираат кога ќе наполнат 35 години работен стаж, а мажите по 40 години работа, без оглед колку години имаат. Предвремена старосна пензија по возраст и докуп на стаж.
Владата сега најавува само задолжително пензионирање што ќе стартува веќе од следната година. Во Владината програма стои дека во јавниот сектор ќе биде задолжително пензионирање за жените на 62, а за мажите на 64 години. Тоа го потврди и министерката за труд Јагода Шахпаска.
Заев, пак, во јавните говори тоа не го кажал, но рече дека ваквите измени се потребни за да се намали бројот, меѓу другото, на вработените во образованието, каде според него, секоја година бројот се зголемува за 30%, а за исто толку опаѓа бројот на ученици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.