Груевски може да биде само негативен пример кога станува збор за јавните комуникации и за јавниот интерес. Сигурен сум дека не може да е добро да “допираме” до медиумите на начините на кои тоа го правеше претходната власт. За време на десетгодишното владеење на Груевски, неколку медиуми беа затворени под директен диктат и притисок на власта – најгледаната телевизија А1, телевизијата А2, весниците Време, Шпиц и Коха е Ре, а сопственикот на овие медиуми и неколку луѓе од неговото семејство и раководители во фирмите завршија во затвор со неколкугодишни затворски казни. Беа затворани и новинари од други медиуми. Во извештаите на Стејт департментот за состојбата со човековите права се потенцираше дека во Македонија има политички затвореници. Ова националниот координатор за комуникации, Марјан Забрчанец го вели во интервју за „Слободен печат“.
Тој вели дека денес е обратно, а дека има целосен пресврт во оваа насока, покажуваат и глобалните индекси на угледни организации како „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“, на чиј индекс на пример земјата има напредок од 28 позиции – од 118то во 2016 година на 90то место во 2021.
За време на владеењето на Груевски, беше речиси невозможно за новинарите од критичките медиуми да ги добијат на телефон портпаролите на владата и министерствата, или пак да добијат информации од јавен карактер после уредно испратено барање. Тие беа целосно игнорирани. Тоа сега не е случај. Сите портпароли и лица за односи со јавност се во редовна и постојана комуникација со новинарите, а институциите редовно одговараат и во определениот законски рок (кој е, патем, скусен од 30 на 20 дена) даваат информации од јавен карактер на барање на медиумите, граѓанските организации, па и индивидуалци доколку тоа го побараат. За време на владеењето на Груевски владееше праксата “не се дозволени прашања надвор од темата на прес конференцијата”. Тогаш немаше прес конференции на портпаролите на Владата. И таа пракса е променета, портпаролите на Владата сега одржуваат секоја недела редовни прес конференции за да информираат за одлуките од седниците на Владата, тековните активности но и да одговараат на прашања на новинарите за различни теми, дополнува Забрчанец.
Тогаш, медиумите што ја критикуваа власта беа јавно етикетирани и омаловажувани од највисоки владини претставници, почнувајќи од самиот тогашен премиер и најистакнатите министри, па се до обичните партиски членови. Кон тие медиуми и нивните новинари се водеа жестоки јавни хајки, се прогласуваа за „платеници“ и „предавници“. Таа пракса е целосно искоренета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.