Според владината одлука, полицискиот час од среда ќе почнува во 16 часот и ќе трае до 5 часот следниот ден, а во викендите, од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.
Владата на предлог на Комисијата за заразни болести донесе дополнување на Одлуката за забрана за движење на граѓаните на целата територија на државата, односно за продолжување на полицискиот час на целата територија, кое стапува во сила од среда и според кое се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 5 часот наредниот ден, а во викендите забраната ќе започне од 16 часот во петок и ќе трае до 5 часот во понеделник.
За лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот.
Според одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.