Владата нa 44-та седница што се одржа денеска, донесе повеќе одлуки, мерки и препораки кои произлегуваат од 30-тиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, а кои се однесуваат на Куманово, Тетово и Прилеп.

Владата го задолжи Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, со уште двајца членови од Главниот координативен кризен штаб да биде во комуникација со Oпштинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, поради потребата од негово консолидирање и тековно следење на состојбите и работата на сите надлежни институции на дневна основа во ова подрачје, со цел одржување на функционална и ефективна работа на овој штаб.

Од денешната седница произлезе и задолжувањето за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции кои имаат свои седишта или подрачни единици на подрачјето на Општина Куманово, како и укажувањето на Општина Куманово и јавните претпријатија и другите правни лица основани од Општина Куманово, да ги редуцираат своите капацитети и да воведат посебни мерки за заштита, со цел поголем број на лица да бидат изолирани во овој период.

Исклучок од оваа мерка се вработените лица од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана – Армијата, од јавните здравствени установи, како и вработените во територијалните противпожарни единици на подрачјето на Општина Куманово.

Почнувајќи од 22 април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл.

За оваа цел, се задолжува Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции. Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Македонија, но по извесен период.

Владата одлучи да им се препорача на сите граѓани, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките.

Владата го задолжи Министерството за здравство да определи едно лице како точка за комуникација и координација на дневна основа со сите здравствени установи во Општина Куманово (заради потребите на пациентите кои се лекуваат во Општата болница Куманово, нивно трансферирање во друга здравствена установа, организациски работи на здравствените установи и други тековни прашања за време на овој период).

Задолжение доби и Министерството за внатрешни работи, во соработка со општинските штабови за заштита и спасување, најдоцна до 21 април 2020 година (вторник), да подготват посебен оперативен план за присуство и дејствување на припадниците на полицијата во подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, преку користење на засилени патроли и засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата.

Се задолжува Министерство за здравство, дел од донациите на заштитна опрема кои државата ги има добиено до овој момент, да бидат дадени на здравствените установи во општините Куманово, Прилеп и Тетово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.