Вработениот во Универзитетскиот стоматолошки центар „Св. Пантелејмон“ кај кого е потврдено присуство на опасната бактерија МРСА, работи како забен техничар во лабораторијата за мобилна техника и не бил во контакт со пациенти, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) д-р Ирина Сотирова-Бухова.

МРСА е еден вид бактерија од групата на стафилокока и е отпорна на повеќето видови антибиотици, тешко се лекува и кај пациентите со намален имунитет може да предизвика сериозни компликации и смрт.

Кај вработениот бактеријата е најдена на рацете. Работи како забен техничар во лабораторијата за мобилна техника и не бил во директен контакт со пациенти. Дури и да бил во контакт со пациенти не можел да им ја пренесе бактеријата, бидејќи сите вработени работат со ракавици, вели д-р Сотирова-Бухова.

Таа вели дека ДСЗИ направил вонреден инспекциски надзор, при што е утврдено дека комисијата за интрахоспитални инфекции на самата Клиника донела одлука и вчера е спроведена вонредна дезинфекција на сите простории на иституцијата.

Вработениот самоиницијативно пошол на Микробиологија и побарал да му се направил брис од раце. Позитивниот наод за присуство на бактеријата стигнал вчера и во текот на вчерашниот ден направена е вонредна дезинфекција на Клиниката. Вработениот од трети јануари бил на одмор, користел боледување во меѓувреме, и сега не е на работа и нема да се врати на работа додека не се добие наод дека нема присуство на бактеријата, вели д-р Сотирова-Бухова.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.