Уставниот суд реши по одморите да одржи подготвителна седница за оценување на уставноста и законитоста на одредбите кои предвидуваат казна затвор од минимум пет години за функционери кои го оштетиле буџетот со јавни набавки и одлучи да не поведе постапка за оценување на уредбата за издавање домашна платежна картичка намената за купување на македонски производи и услуги и на уредбата за прашања поврзани со изборниот процес.

Од Уставниот суд, за МИА информираат дека од септември месец ќе се одреди време за организирање на подготвителната седница со експерти, по што ќе одлучува по иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Член 353 став 5 од Кривичниот законик, кој предвидува казна затвор од минимум пет години за функционери кои го оштетиле буџетот со јавни набавки.

Првата точка се одложи за после одморите, кога ќе има подготвителна седница каде ќе се викнат гости од науката и струката за да се решат некои спорни правни прашања по однос на член 353 став 5, брифираат од Уставниот суд, за иницијативата која беше разгледана како прва точка на денешната 24-та седница, информираат од Судот.

Делењето владини ваучери во тек на кампања не е спорно за Уставниот суд, иако за многумина тоа претставува предизборен поткуп. Судиите решија да не поведат постапка за испитување на уставноста и законитоста на оваа владина уредба, донесена во текот на вонредната состојба. Со уредбата беше одлучено над 300.000 граѓаните да добијат домашна платежна картичка, и тоа во текот предизборната кампања, со оглед на тоа што делењето на ваучерите е во тек, а предвидено е да заврши до 18-ти јули.

За експертите тенка е линијата меѓу помош за граѓаните и предизборен поткуп во овој случај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.